Connex3-Color-Samples

3Д печатачите се технологија на чие раѓање сме сведоци овие години. Како и секоја нова технологија и оваа треба да ги помине своите детски болести. Иако веќе има работни модели, па и официјални производи на 3Д печатачи, јасно е како ден дека има тука доста што да се подобрува во следната декада. Во главно проблемите се вртат околу неверојатната бавност на создавање објекти, скапи суровински материјали и немањето вистинско печатење во боја.

Изгледа дека и на Apple им смета последното, па се заангажирале да го решат овој проблем. Тие само што се стекнаа со патент кој се бави со 3Д печатење во боја. Називот на патентот е „Метод и апарат за 3Д печатење на обоени објекти“.

Кога ќе го погледнете патентот едно нешто ќе ви стане јасно: како тоа на никој досега не му текнал овој начин на додавање боја? Имено, се работи за комбинација од два нанесувачи на материјал. Едниот го нанесува стандардниот градбен материјал за структурата, а другиот ја нанесува бојата.

Вака во тандем работат еден по друг и слој по слој го градат објектот кој на крајот е веќе обоен. Веројатно материјалот од кој ќе биде изградена бојата ќе биде исто така врзив материјал и ќе помогне во градењето на структурата.

Патент на Apple за 3Д печатење во боја

Како што знаеме, стекнувањето со патент не гарантира дека Apple било кога ќе се реши да ја оствари оваа иновација во материјалниот свет. Големите играчи како нив поднесуваат по илјадници патенти годишно од кои сосема мал процент стануваат реалност, а другите се чуваат „за секој случај“ (како пешадија во некоја војна на патенти, на пример).

Забавен и неповрзан факт: документот за патентот држи доказ дека Apple не се совршени (ако му требаше на некој убедување по ова прашање). Ако погледнете внимателно кон слика 4 ќе увидите дека зборот „INITIATE“ подносителот го напишал „INITATIE“.

Извор: Makezine, 3ders, 3dprint

Претходна статијаGeneral Motors работи на безбедносен систем за тинејџерите возачи
Следна статијаСмартпортал неделник 30.11 – 06.12 2015