Тинејџерите не се баш најспособните возачи. Според статистики направени во САД, 3 пати поверојатно е тинејџерите да учествуваат во фатална сообраќајна несреќа него тие над 20 години. Се поставува логичното прашање: зошто да им се даде возило за да го возат воопшто ако се толку непресметливи? Одговорот е секако во добивката на автомобилските компании и осигурителните друштва кои притискаат да се купуваат што повеќе возила.
Веќе кога нема алтернатива во таа смисла, од General Motors размислуваат на тоа како со помош на технологијата да се превенираат несреќите и да се намалат повредите и ризиците. Затоа тие посветиле одредено време развивајќи го системот наречен Teen Driver кој треба да овозможи побезбедно возење за овие млади возачи.
Се работи за систем кој ги координира и управува сите безбедносни системи на возилото, а ќе биде претставен во 2016 со Chevrolet Malibu. Тој се активира со вклучување на посебен клуч кој е доделен на тинејџерот-возач. По вклучувањето, тој не дозволува да се пушти музика пред да се стави каиш, а и потоа не дозволува музиката да е прегласна.
Воедно, дава звучни и визуелни сигнали кога максималната брзина на делницата е премината, автоматски кочи ако несреќата е неизбежна, а возачот не реагира, ги запишува сите информации околу возењето кои потоа можат да се прегледаат преку инструмент-таблата и така натаму.
Malibu ќе ги поддржува Apple CarPlay и Google Android Auto, ќе има вградена 4Г антена и ќе може да направи безжична точка (hotspot) за до 7 уреди.
Иако не сме целосно сигурни дека вградувањето на системи, а не забраната за возење, е правото решение за подобрување на безбедноста на тинејџерите-возачи, сепак, овие системи ќе можат да се искористат и за подобрување на безбедноста и на регуларните возачи, па ги поздравуваме напорите.
Извор: Siliconbeat, Chevrolet