samsung-hq

Повторното приближување на овие два најголеми производители во овој период слободно може да се каже дека е очекувано. Apple оваа недела ги објави своите финансиски резултати кои што се рекордни, односно најголеми за било која светска компанија. Тоа се должи во главно на големата популарност на новите iPhone 6 модели, со кои што Apple се приклучи на пазарот на уреди со поголеми екрани, нешто што се покажува како доста популарно кај корисниците.

Од друга страна, Samsung веќе подолг период бележи пад на продажбите на своите модели, а посебно тие од Galaxy S серијата. Компанијата се соочува со намалени приходи од паметните телефони кои што едно време претставуваа главен извор на целата компанија. Ова може да се каже дека се должи во главно на падот на популарноста на најдобрите модели од Samsung, а посебно на Galaxy S5 кој што се продаде во доста помала количина од таа која што се очекуваше.

Samsung веќе се очекува дека ќе воведе одредени промени кај наредниот S6 модел, кој што треба да дојде барем со метална рамка, поквалитетна пластика доколку истата се користи, како и доста поедноставен TouchWiz кориснички интерфејс. Од компанијата исто така се очекува да го намали бројот на модели оваа година.

Според информациите од Apple, тие во изминатите три месеци имаат продадено 74,5 милиони паметни телефони. Од Samsung сепак се’ уште не ги кажуваат точните бројки на продажба, па информираа само дека имаат продадено 95 милиони уреди, од кои што паметни телефони се од 71 до 75 милиони. Со таа информација не може да се заклучи дали тие ја имаат изгубено главната позиција во светот, меѓутоа дефинитивно Apple се има приближено. Фактот што не ги даваат точните бројки може да покажува и на тоа дека Apple ги има поминато или дека барем се на исто место.

Според две компании кои што вршат анализа, поточно Counterpoint Research и Strategy Analytics, Apple и Samsung имаат продадено иста бројка на уреди, а можно е и Apple да го има превземено првото место. Според Counterpoint Research, Samsung има продадено 73,8 милиони телефони, што го става на второто место зад Apple.

Samsung првпат го презима првото место од Apple во 2011 со претставувањето на S серијата која што се покажа како огромен хит помеѓу корисниците до минатата година.

Извор: The Verge, WSJ

Претходна статијаMicrosoft Office апликациите за Android таблет достапни од денес
Следна статијаIntel ќе лансира нов мини компјутер со i7 процесор од најновата генерација
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.