Големите најави за какви промени на пазарот треба да донесе Phone (1) од Nothing оставија впечаток дека телефонот ќе биде од највисоката класа. Сепак, споредбите кои ги правеше основачот Карл Пеи со iPhone, меѓу другите, навистина асоцираа на нешто што ќе биде најдоброто на пазарот.

Како ќе изгледа Nothing Phone (1) веќе можевме да видиме, покрај тоа што беше прикажана слика од задниот дел, познатиот и интересен Маркез Браунли го прикажа телефонот во видео, заедно со дел од неговите функции, во главно поврзани со делумно проѕирниот заден дел со лед сијалички.

Ова сепак не ни даде некоја претстава за што може да се очекува од аспект на компонентите, а со тоа и цената, па доста луѓе мислеа дека телефонот ќе се продава по цена над 1000 долари.

Тоа што почна да излегува како информација е дека Phone (1) ќе работи на Snapdragon 778G+, солиден чип, но далеку од највисоката класа, како на пример Snapdragon 8+ Gen 1.

Овој чип го става Nothing Phone (1) во средната класа, а сега ги имаме и неофицијалните цени по кои би требало да се продава овој телефон.

Според овие неофицијални најави, Phone (1) ќе се продава по цена од 400 долари за верзијата со 8GB RAM и 128GB простор за податоци. Оваа цена ќе се зголеми на 420 долари за 256GB простор за податоци, односно на 450 долари за 12GB RAM и 256GB простор за податоци.

Очекувањата за големата популарност на Nothing Phone (1) со овие информации до некаде се намалуваат. Колку и да се продаваат телефоните од средната класа, сепак најголеми бројки прават тие од највисоката, а има и зошто е тоа така.

Целосното и официјално претставување на телефонот ќе биде на 12 јули, па тогаш ќе можеме да видиме се што ќе понуди овој телефон и подобро ќе знаеме што да очекуваме. Вака на прв поглед, иако ништо револуционерно, Phone (1) дефинитивно изгледа интересно и поразлично од конкуренцијата, па тоа може да му овозможи голема предност.

ИЗВОРGSMArena
Претходна статијаHuawei го претстави MateBook D16 – лаптоп со висока продуктивност и 16-инчен екран
Следна статијаОпштествена одговорност преку едукација и креација
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.