Досега за iPhone 8 се изнаслушавме секакви информации и според нив, тој би требало да го врати Apple на тронот кога се во прашање иновациите, но и да го врати на корените кога е во прашање дизајнот. Денешната вест и не е некоја иновација, но е секако добредојдена за оние кои не се баш најпретпазливи кога се близу до поголеми површини вода – iPhone 8 ќе има уште подобра водоотпорност од 7-ката.

Со ова Apple всушност ќе се израмни со Samsung и нивните Galaxy S7 и веројатно Galaxy S8, кои имаат IP68 сертификат за водоотпорност, додека iPhone 7 има само IP67. Разликите не се премногу големи, барем не за корисниците – IP68 значи дека уредот може да издржи до 1,5 метри длабочина, максимум 30 минути, додека IP67 значи дека смартфонот може да издржи 30 минути на длабочина до 0,5 метри. Нормално, се додека не нуркате со вашите смартфони и IP67 е доволно добра заштита, но Apple секако дека нема да сака да заостанува зад своите главни конкуренти.

Иако сето ова е импресивно, многу извори наведуваат дека iPhone 8 сепак нема да го видиме оваа година, односно дека тој ќе биде лансиран дури во 2018 година. Како со скоро сите модели досега, оваа година веројатно ќе бидеме сведоци на нови “S” модели, во случајот iPhone 7S, кои ќе донесат само помали козметички надградби, подобрена камера и побрз чипсет. Да се надеваме дека iPhone 8 ќе донесе нешто вистински револуционерно на сцената, бидејќи Samsung и LG веќе планираат лансирање на телефони со дисплеј кој може да се свитка и преклопи, кои сигурно би го ставиле во сенка евентуалниот iPhone 7S.

Извор: T3, BGR, Cult of Mac

Претходна статијаGlobal Game Jam Македонија по 5ти пат од 20 – 22 јануари 2016 година
Следна статијаЕвропа и Кина пред САД во користењето на електрични возила