Google оваа недела ја одржува нивната позната Google I/O конференција која веќе не може да се каже дека е наменета само за програмерите и софтверската понуда од компанијата. Тие на овој настан го најавија долгоочекуваниот Pixel Watch, а го претставија и Pixel 6a, стандардната „послаба“ варијанта од нивните лански модели.

Стандардно „a“ верзиите од Pixel телефоните ги донесуваат поголемиот дел од карактеристиките од главните модели, што значи дека корисниците добиваат одличен телефон. Оваа година може да се каже дека Pixel 6a им нуди на корисниците најдобар избор, па овој телефон се разликува во мал дел од карактеристиките на ланските Pixel 6 и Pixel 6 Pro.

Главната карактеристика која го прави Pixel 6a одличен телефон и ист со ланските модели е вклучувањето на истиот чип, односно Tensor чипот кој Google специјално го има развиено за нивните телефони.

Tensor чипот доаѓа со осум јадрен процесор кој има две Cortex-X1 јадра кои работат на 2,8 GHz, две Cortex-A76 јадра кои работат на 2,25 GHz и четири Cortex-A55 јадра кои работат на 1,80 GHz.

Дизајнот на телефонот исто така е земен од минатата година, а тука е и карактеристичната лента за камерите на задната страна. Само Pro моделот има три камери, додека Pixel 6 и 6a имаат две, а и тие се разликуваат по карактеристиките, сепак мора „а“ моделот да има и некои „недостатоци“ за да се оправда пониската цена.

Камерите се со 12,2 и 12 мегапиксели, од кои втората е со ултра широк агол на сликање, нешто што Google не го практикуваше до минатата година. Квалитетот на сликите кај уредите од Google во главно зависи од алгоритамот на компанијата, па и со една камера тие имаа едни од најдобрите слики на пазарот.

На предната страна е достапна камера со 8 мегапиксели, а оваа е истата со таа која се користи кај ланскиот Pixel 6.

Pixel 6a доаѓа со 6GB RAM и 128GB UFS 3.1 простор за податоци, а има и батерија со капацитет од 4410 mAh. Сензорот за отпечатоци е оптички, па иако тој овозможува нешто побрзо отклучување, сепак е помалку безбеден од ултра звучниот кој најчесто го користи Samsung.

ИЗВОРGoogle
Претходна статијаПријави го својот тим на глобалниот младински предизвик – Генерација без граници
Следна статијаПристигнуваат нови филмови на Pickbox NOW
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.