Google денеска и официјално ги престави веќе прикажаните на изглед Pixel 6 и Pixel 6 Pro смартфони. Иако поради практиката на Google изминатите неколку години, веќе ги имавме официјални слики од уредите, а тука се секако и неофицијалните информации, сепак официјалните претставувања привлекуваат посебно внимание.

Двата телефони ќе се продаваат по почетни цени од 600, односно 900 долари, а за жал тие како и досега, не се официјално достапни во нашата земја, па заинтересираните треба да ги купат од странство или од мобиларите кои некогаш знаат да ги донесат.

Pixel 6 Pro

Pixel 6 Pro е главниот модел кој ќе ги интересира тие кои го следат најдоброто на пазарот. Овој телефон доаѓа со 6,7 инчен екран со резолуција од 3120 на 1440 пиксели и стапка на освежување од 120 херци. Екранот е направен со LPTO технологијата, што значи дека стапката на освежување ќе варира зависно од потребите, односно нема цело време да биде 120 херци, што прави голема разлика за заштеда на батеријата.

Овој модел доаѓа со три камери на задната страна кои се големо подобрување во споредба со неколку претходни модели. Главниот сензор е со 50 мегапиксели и f/1.85, тука е и ултра широкиот сензор со 12 мегапиксели, како и 48 мегапиксели кај „телефото“ сензорот, односно камерата која овозможува поголема зумирање.

На предната страна е поставена камера со 11,1 мегапиксел и можност за широк агол на сликање.

Сензорот за отпечатоци кај Pixel 6 Pro конечно е поставен под екранот, но за жал не ја користи подобрата ултразвучна технологија, туку оптичката. Телефонот секако има поддршка за 5G мрежите, Wi-Fi 6E, а има и 12GB RAM и избор до 512GB простор за податоци со UFS 31.

Батеријата кај телефонот е со капацитет од 5000 mAh и може да се полни со брз полнач со 30W, додека безжичното полнење е исто така со одлични 23W.

Pixel 6

Основниот, односно помалиот и нешто послабиот модел доаѓа со 6,4 инчен екран со резолуција од 2400 на 1080 пиксели, но со помала стапка на освежување од 90 херци. Овој екран исто така не доаѓа со LPTO технологијата, што значи дека стапката на освежување цело време е 90 херци, нешто што не е толку добро за батеријата.

Камерите кај овој модел се две, односно 50 мегапиксели кај главната со f/1,85 и 12 мегапиксели кај ултра широката. На предната страна е поставена камера со 8 мегапиксели и помал агол од таа кај Pro моделот.

Батеријата кај Pixel 6 е со капацитет од 4614 mAh и може да се полни со брз полнач со 30W и безжичен полнач со 21W. Меморијата кај овој модел е со 8GB, а просторот за податоци до 256GB, исто така UFS 3.1.

Google Tensor

Двата телефони работат на најавениот уште во летото Google Tensor чип кој од компанијата специјално го имаат развиено за првпат за овие телефони. Од Google истакнуваат дека чипот е развиен во соработка со неколку сектори од компанијата, а очекувано посебно внимание се става на машинското учење кое овој чип ќе го овозможи.

Машинското учење ќе биде тука за да го помогне одличниот и познат алгоритам од Google кој правеше да сликите од Pixel се едни од најдобрите на пазарот уште кога овие телефони имаат само по една камера.

Оваа година чипот ќе овозможи доста софтверски функции поврзани со сликите, како што се бришење на делови од сликата, заматување на позадината, но и на одредени објекти кои се движат и слично.

Google оваа година со новите Pixel 6 телефони воведува и нови можности, само за корисниците во САД, за повици, како што се организирање на чекањето при повикување на компании, испишување во форма на текст тоа што го кажува автоматизираниот систем и слично.

Целиот настан на кој Google ги претстави Pixel 6 и Pixel 6 Pro можете да го погледнете во продолжение.

ИЗВОРGoogle
Претходна статијаФиналната верзија од macOS Monterey станува достапна од 25ти октомври
Следна статијаНајавен е Сеавус Code Talks, посветен на Front-End Technologies
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.