iphone-6-antenna-lines

Еден од главните дизајнерски недостатоци кај iPhone, барем според повеќето луѓе, се линиите за антените. Сепак, исти вакви линии имаат и сите други метални телефони, како на пример HTC One, бидејќи се неопходни – радио брановите не можат да поминат преку алуминиумот и мора да има мал пластичен дел низ кој ќе можат да пробијат.

Затоа, Apple развива целосно нов композитен материјал, кој на допир ќе биде ист како метал, но низ кој ќе може да пробијат радио брановите од антените на модерните телефони. Вака, дизајнот на уредите ќе може да биде без прекини, односно ќе има вистински целосно метално тело.

Овој материјал ќе може да има и многу други примени, како на пример да се употребува во делот за тачпадот кај лаптопите на Apple, односно да нема разлика меѓу него и металната шасија, за уште почист дизајн.

Покрај ова, композитните материјали се обично поцврсти од алуминиумот, што значи дека со ова решение Apple би можел да ги направи новите iPhone-и и поцврсти, што е секако добредојдено по илјадниците искривени iPhone 6 Plus само од седење во џебот.

Сепак, има и шанса овој материјал никогаш да не го види светлото на денот, бидејќи се работи само за патент поднесен од Apple, а и доколку се случи тоа, сигурно не би било во наредната генерација на iPhone (6S и 6S Plus), туку дури наредната година во iPhone 7 и iPhone 7 Plus.

Извор: Engadget

Претходна статијаКинескиот Oukitel спрема телефон со 10.000 mAh батерија
Следна статијаSamsung SafetyTruck – интересен концепт за подобрување на безбедноста на патиштата