Се верува дека е во развој околу 7 години, а компанијата ја чинел повеќе милијарди евра, првиот 5G чип од Apple конечно е официјално претставен. Дека од компанијата работат на развој на ваков чип можеше да се заклучи и по купувањето на овој дел од Intel во 2019 година за 1 милијарди долари.
Apple C1 е првиот 5G чип од компанијата и беше официјално претставен како дел од iPhone 16e, замената за iPhone SE, како поевтин iPhone на пазарот.
Поради некоја причина, Apple не посвети некое посебно време на презентација на C1 чипот, па само истакна дека тој е првиот модем дизајниран од компанијата и најефикасниот досега на iPhone.
Се верува дека покрај A18 чипот, C1 е тој кој ја овозможува промената на дизајнот на внатрешноста на iPhone 16e и неговата штедливост и најавено долго траење на батеријата.
Друго што е познато е дека Apple C1 не со поддршка за mmWave фреквенциите од 5G, што значи дека корисниците нема да можат да ги добијат гигабитните брзини кои се достапни со повисоките фреквенции. Ова секако не е толку важно, а посебно за повеќето земји и каде не се достапни овие фреквенции, а стандардните 5G се и повеќе од доволни.
Претпоставките се дека Apple игра внимателно со новиот C1 и ќе тестираат како ќе се покаже пред да почнат повеќе да го промовираат, а и да го користат во повеќе уреди. Достапноста во поевтиниот iPhone може да е одлична тактика доколку чипот не се покаже како што треба, па оправданието може да биде дека тој сепак е развиен за поевтин iPhone.
Се очекува дека во идните уреди Apple ќе почне да го користи овој нов чип, како и понови и понапредни врезии од истиот.