По пуштањето на првата поголема надградба на Windows 11 минатиот месец, Windows 11 2022 Update, Microsoft потврди дека системот ќе добива повеќе мали надградби во текот на годината, но нема да престанат поголемите годишни.

Првата ваква помала надградба беше најавено дека ќе биде пуштена веќе наредниот месец, односно во октомври, па од оваа недела истата е достапна за сите корисници.

Како главна новина со оваа надградба, која доаѓа во форма на обично ажурирање на системот, е секако додавањето на „табови“ во File Explorer.

Ова е нешто што корисниците го бараат со години, а од компанијата повеќе месеци го тестираат. Функционира како што би се очекувало, односно корисниците сега може да отвораат различни папки во табови, наместо во посебни прозори.

File Explorer добива и дополнителна мала измена на изгледот, поточно на левата лента сега на прво место се наоѓа OneDrive папката, по што следат останатите папки кои сега се и поедноставно прикажани. Целата лента може да се каже дека сега е многу поедноставна и поконкретна.

Во оваа апликација исто така сега може да се прикачат омилените датотеки да се прикажуваат во „home“ делот, а зголемена е и интеграцијата со OneDrive.

Наредната новина во оваа надградба на Windows 11, која не е достапна за сите јазици и региони, е Suggested Actions. Одлична функција која овозможува правење одредени активност при копирање на текст, како на пример закажување на состанок во календарот при копирање на дата или започнување на повик во Teams при копирање на телефонски број.

Уште една новина е доста барана од корисниците, а тоа е враќање на Task Manager во сега скоро празното мени до кое се доаѓа со десен клик на „таскбарот“, а тука е и прикажувањето на апликациите доколку се прикачени и отворени поголем број на апликации.

Windows 11 добива и подобрување на можноста за споделување со уредите кои се во близина, со можноста за директно споделување од десктопот, преку File Explorer, Photos, Snipping Tool и други апликации.

На крај, со оваа надградба не беше пуштена новата Photos апликација, но затоа Microsoft најави дека истата ќе биде ажурирана до крајот на овој месец. Оваа нова апликација, покрај тоа што има целосно нов дизајн, ќе дојде и со поддршка за сликите од iCloud.

ИЗВОРMicrosoft
Претходна статијаNetflix Profile Transfer е првиот чекор пред наплатата на корисниците кои не се дел од истото домаќинство
Следна статијаWindows 10 ја доби надградбата за 2022 без некои посебни новини
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.