Како што се очекуваше, Microsoft ја пушти првата поголема надградба за Windows 11 за сите корисници. Како и обично, тие што сакаат веднаш да ја добијат ќе мора самите да проверат за нови верзии во Windows Update, a Microsoft ќе ја пушта за корисниците постепено со цел намалување на можноста за проблеми.

Со пуштањето на Windows 11 2022 Update, Microsoft даде одговор на гласините колку често ќе може да се очекуваат вакви надградби, односно како ќе се одвива процесот во иднина. Гласините најавуваа почести помали надградби, по што може да се очекува Windows 12 во 2024, но тоа сепак нема така да биде.

Windows 11 ќе продолжи да добива по една поголема надградба во годината, како и досега во есен, а во останатите месеци може да се очекуваат помали надградби кои ќе пуштаат по неколку новини како што се спремни за сите корисници.

Кои се главните новини кај Windows 11 2022 Update ?

Старт менито добива мало освежување во оваа верзија, па сега им нуди на корисниците избор дали сакаат да имаат повеќе простор за апликациите кои ги прикачуваат или повеќе предлози за отворени документи и слично.

Досегашната поставеност беше три со три, односно три реда апликации и три реда предлози. Во 2022 Update корисниците ќе можат да изберат да имаат четири реда апликации и еден ред предлози или четири реда предлози и два реда апликации.

Исто така, функција која беше достапна во повеќето Windows верзии и тргната во Windows 11, повторно се враќа назад. Делува како мала ситница, но прави голема разлика за одредени корисници. Се работи за можноста да се повлечат датотеки директно во отворена апликација на „таскбарот“, по што истата ќе се отвори во таа апликација.

Windows 11 2022 Update донесува и подобрувања кај Search делот, каде сега се покажуваат и одредени слики кои се моментално на Bing пребарувачот, доста промени за Accessibility како брзо мени на таскбарот за вклучување на зголемување на екранот, титлови за скоро секое аудио кое се пушта и слично.

Со оваа надградба се пуштаат и неколку нови верзии од застарените апликации, како што е на пример Task Manager, а сите овие се направени во дизајн стилот на Windows 11.

Корисниците како дел од часовникот во системот добиваат нов Focus режим за работа кој овозможува да изберат време во кое сакаат да бидат продуктивни, по што се вклучува одбројувач, се вклучува Do not disturb и слично.

Microsoft посебно ја истакнува и новата Smart App Control функција во Windows Defender, која е достапна само со „чиста“ инсталација на системот, која овозможува подобрување во заштитата од малициозен софтвер и скрипти.

Една од поголемите новини, а која корисниците ја бараат со години, е воведување на „табови“ во File Explorer. За жал оваа новина не доаѓа со оваа надградба, но Microsoft ја најави за кратко време, односно за октомври.

Со тоа од компанијата ги најавија почестите помали надградби на Windows 11 кои ќе се случуваат покрај едната поголема годишна. Покрај табовите кај File Explorer, идниот месец може да се очекуваат и нова верзија од Photos апликацијата, предлози за што да се прави кога ќе се копира некој текст, нов начин на прикажување на иконите во таскбарот кога ги има повеќе, како и можноста за споделување со повеќе уреди.

Со ова Microsoft ги потврди гласините дека Windows 11 ќе добива повеќе помали надградби во текот на годината, но тие не погодија за годишната, која останува, а ќе почекаме до 2024 да видиме дали од компанијата ќе пуштат целосно нова верзија од Windows.

ИЗВОРMicrosoft
Претходна статијаКомпанијата Samsung Electronics освои бројни награди на International Design Excellence Awards 2022
Следна статијаMicrosoft закажа настан за 12. октомври на кој се очекува претставување на нови Surface уреди
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.