Оваа недела Windows 11 ја доби својата прва надградба од серијата на помали надградби кои ќе бидат пуштани повеќе пати во годината, а една од главните новини кои ги донесе се „табови“ во File Explorer.

Windows 10 исто така оваа недела доби надградба, односно ја доби својата стандардна годишна надградба, во овој случај 22H2. Исто како што е случајот со Windows 11, Microsoft го промени начинот на именување на овие годишни надградби, па најновата сега е наречена Windows 10 2022 Update.

Оваа нова верзија не донесува некои посебни новини, а од Microsoft само истакнуваат дека донесуваат ограничен опсег на нови функции и функционалности кои во главно се поврзани со подобрување на постојното корисничко искуство поврзано со квалитетот, продуктивноста и безбедноста.

Во основа, од компанијата сакаат да кажат дека оваа верзија е препорачливо да се инсталира поради одредени подобрувања во генералното функционирање на системот, како и поради задржување на поддршката која вклучува безбедносни надградби.

Корисниците кои ја имаат инсталирано Windows 10 верзијата 20H2 или понова, процесот на инсталирање на најновата верзија ќе им помине брзо, односно исто како што поминуваат месечните надградби. Останатите ќе мора да поминат низ нешто подолг процес на инсталација.

Како и досега, оваа верзија ќе биде поддржана во наредните 18 месеци за обичните корисници, односно 30 месеци за компаниите и образовните институции. До крајот на годината завршува поддршката за 21H1 верзијата, а генерално Windows 10 треба да „постои“ до 2025 година.  

ИЗВОРMicrosoft
Претходна статијаFile Explorer конечно доби „табови“ во Windows 11
Следна статијаGoogle ја пушти Go верзијата од Android 13 за уредите од најниската класа
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.