Чиповите на Qualcomm од високата класа можеби се на сите насловни страни, но за корисниците кои немаат толку длабок џеб одлична алтернатива ќе бидат новите Snapdragon 660 и 630 мобилни платформи, кои ќе се вградуваат во смартфони и таблети од средната класа.

Но, зошто мобилни платформи? За да нема забуна, Qualcomm од неодамна вака ги нарекува своите чипови, од едноставна причина што тие нудат многу повеќе од само процесор и графичка картичка. Поточно, тие се целосен систем на чипови кои им овозможуваат на производителите на хардвер да понудат целосно решение само со вградување на мобилната платформа, без потреба од многу дополнителни компоненти.

Да, се вратиме на самите „платформи“. Snapdragon 660 е чип кој е ѓаволски близу по спецификациите до 835-ката. Изработен е со транзистори со големина од 14 нанометри и има осум Kryo јадра, кои донесуваат раст од 20% во брзината на процесорот во споредба со Snapdragon 653.

Новата Adreno 512 графика пак донесува 30% подобри перформанси, а заедно целиот чип троши 60% помалку енергија на Wi-Fi, односно од 50-75% на сервиси за локација. Snapdragon 660 е опремен и со супер брз X12 LTE модем, Bluetooth 5.0, 2×2 MU-MIMO 802.11ac Wi-Fi, напреден фотографски Qualcomm Hexagon 680 DSP чип и новата верзија на брзо полнење на батеријата Qualcomm QuickCharge 4. Snapdragon 660 поддржува максимум 8 GB рам меморија.

Послабата „платформа“ во понудата Snapdragon 630 е исто така прилично моќна. Има осум Cortex-A53 јадра и подобрена Adreno 508 графика, кои донесуваат 10% подобрување во брзината на процесорот и 30% подобрување во брзината на графиката. Snapdragon 630 исто така има X12 LTE модем, поддржува Bluetooth 5.0, Qualcomm QuickCharge 4 и има Spectra 160 ISP фотографски чип.

И двата модели го поддржуваат новиот Snapdragon Neural Processing Engine SDK, кој им овозможува на дивелоперите да развијат софтвер кој може да користи „машинско учење“ за вештачка интелигенција. Snapdragon 660 и 630 ќе бидат достапни наскоро – помоќниот чип веќе се испорачува на производителите на хардвер, додека 630-ката ќе почне да се испорачува на крајот од овој месец.

Извор: ZDNet, Engadget, The Verge

Претходна статијаApple на кратко стана првата компанија со вредност од 800 милијарди долари
Следна статијаMicrosoft отстрани сериозен баг во Windows Defender

Оставете коментар

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.