Вчера најавивме дека чиповите од Snapdragon 200 серијата ќе бидат заменети со нови Qualcomm Mobile чипови. Од компанијата нагласија дека ова нема да бидат веќе чипови, туку платформа, но останува фактот дека се работи за супер слаби процесори, кои можат да ги задоволат само оние корисници кои ретко користат апликации на својот телефон. Всушност, послаби се дури и од Snapdragon 200 серијата.

Имено, Qualcomm 205 Mobile платформата има процесор со две јадра на 1,1 GHz – се сеќавате кога последен пат сте виделе смартфон со две јадра? Според тоа, не би требало да се очекуваат којзнае колку добри перформанси, а ниту можности. Имено, оваа платформа поддржува максимум 3 мегапиксели предни и задни камери и дисплеј со резолуција од 800х480 пиксели.

Главната одлика на овој процесор ќе биде што ќе овозможи високи 4G брзини (150/50 Mbps) на уредите во кои ќе се вградува. Досега, ваквите смартфони немаа ниту поддршка за 4G, па и ова е некоја добивка во однос на супер евтините телефони и смартфони.

Qualcomm 205 Mobile Platform најверојатно и нема да се користи во смартфони – компанијата најави дека со оваа платформа (кхм, чип), сакаат да ги збогатат можностите на обичните мобилни телефони во земјите во развој во Латинска Америка и Индија. Поточно, со овој чип планот е да им се понудат солидни интернет брзини на корисниците, иако тие реално нема да можат многу да направат на своите телефони.

Извор: Engadget, The Verge, Qualcomm

Претходна статијаКинескиот електричен автомобил Hybrid Kinetic H600 нова конкуренција на Tesla
Следна статијаHTC го лансира лимитираниот U Ultra со сафирен дисплеј