Технологијата за игри има напреднато многу во последните 20-тина години од почетоците кога тие вклучуваа едноставни игри на кои што им се гледаше секој пиксел. Денес игрите имаат одлична HD графика со сложени елементи, а самите се направени со големо внимание на детали и се повеќе наликуваат на реалниот свет.
Со развојот на технологијата полека почнуваме да гледаме развој на хардвер кој што оди подалеку од досегашното подобрување на игрите наменети за играње на компјутерите или играчките конзоли. Новиот хардвер вклучува разни очила кои што овозможуваат понапредно искуство на играње на игрите, односно полека ги гледаме почетоците на виртуелната реалност која што до сега ја имаме видено само на филмовите или имаме читано за неа во списанијата.
Производот за кој што пишуваме денес е нешто што треба да го надополни денешното играчко искуство, било тоа да се работи за играњето на компјутерите, конзолите или преку користење на некои од уредите за виртуелна реалност. KOR-FX е елек кој што ви овозможува да го почувствувате секое движење, куршум, експлозија и многу повеќе во игрите, како и страната од која што доаѓаат. Се приклучува на 3,5 милиметарскиот приклучок за слушалки и може веднаш да почнете да го користите. На него се поставени неколку копчиња преку кои што можете да го наместите нивото на ефектите, што го прави производот навистина лесен за прилагодување и користење.
Вибрациите, односно ефектите кои што ги прави елекот не се како тие што се користат во сличните производи, како што е haptic feedback функцијата на контролорите за конзолите. KOR-FX го користи звукот од играта заедно со специјални трансформатори за креирање на прецизен ефект на допир на телото. Како што истакнуваат развивачите на овој производ, звукот е испратен до вашите гради со што вашето тело се претвора во инструмент кој што овозможува да ја почувствувате околината екстремно прецизно.
KOR-FX е целосно компатибилен со повеќето уреди кои што имаат 3,5 милиметарски аудио приклучок, како што се PC-јата, Mac, играчките конзоли, таблет компјутерите и слично.
Моментално KOR-FX прибира средства преку Kickstarter и има собрано повеќе од 140.000 долари од потребните 75.000, а остануваат уште 9 дена до истекот на рокот. Може да се нарача по цена од 150 – 250 долари, зависно од времето на нарачка.