Johnson-Apacible

Еден од најголемите предизвици на научниците денес е успешното развивање на компјутер со способности барем слични на тие на човековиот мозок. Меѓутоа мозокот е толку сложен што до ден денес не е целосно истражен, односно научниците не се се’ уште целосно запознаени со неговата работа.

Големите компании од областа на технологијата, како Google, Apple, Microsoft и други веќе работат на развој на компјутерски системи кои што треба да имаат способност да извршуваат задачи кои што не се основаат на обично извршување на зададените услови во кодот на програмата. Се градат огромни системи поврзани меѓу себе кои што треба да наликуваат на начинот на кој што работи човековиот мозок.

Microsoft на нивниот Research Faculty Summit го прикажа Project Adam, проект со кој што го прикажаа нивото до кое што тие имаат стигнато во развојот на вештачката интелигенција. Се разбира било која од компаниите е далеку од развој на сериозен систем, односно систем со вистинска вештачка интелигенција, меѓутоа тие дефинитивно ги поставуваат основите.

Project Adam на презентацијата беше прикажан како успешно ја кажува расата на кучето кое што беше донесено на сцената. Интегриран како дел од Cortana, потребно беше сликање на кучето на сцената со мобилниот телефон, по што персоналниот асистент точно ја погоди точната негова раса. Од Microsoft тврдат дека нивниот систем работи со 30 пати помалку машини од другите вакви системи и вклучува мрежа од повеќе од 2 милијарди конекции во специјално направените сервери. Исто така според нив, нивниот систем дава многу поточни одговори, а истото го прави до 50 пати побрзо од другите вакви системи.

За тренирање на системот се користени повеќе од 14 милиони слики и информации од интернет и од сервиси како Flickr кои што се направени со повеќе од 22.000 ознаки од страна на корисниците.

Целта на овој систем со неговиот развој не е да тој само успешно препознава раси на кучиња или други предмети и животни. Целта е развој на апликации кои што ќе можат да детектираат здравствени проблеми, на пример. Со апликации кои што работат на основа на вакви системи во иднина ќе можете да сликате одреден дел од вашата кожа и апликацијата да ви каже дали е потребно да одите на доктор и за што точно се работи. Исто така ќе можете да ја сликате храната која што ја јадете и да ги добиете потребните информации за нејзината хранливост. Уште еден интересен пример кој што го дава Microsoft е препознавањето на растенијата кога планинарите, па точно ќе знаете кои од нив се отровни, а кои сигурни за јадење.

Потенцијалот на ваквата технологија е голем и може да се примени во многу области. Сепак според одредени научници технологијата има и свои потенцијално негативни страни. Па така, еден од најпознатите теоретски физичари Stephen Hawking предупредува од можноста за појава на сценарија како од филмовите Terminator, на пример.

Извор: Microsoft Research

Претходна статијаThe Coolest преносен фрижидер со вграден блендер, звучник и многу повеќе
Следна статијаKOR-FX: Елек за игри кој што ќе го направи искуство на играње многу пореално
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.