Како што веќе најавивме претходно (од секогаш проверени информации), Intel претстави целосно нова линија на процесори, а како одговор на Ryzen процесорите на AMD. Тука се вклучени и брутално моќните Core i9 процесори, кои од овој момент ќе бидат веројатно најмоќните процесори за домашниот купувач, барем додека AMD не го претстави новиот Threadripper Ryzen 9 чип со 16 јадра, кој треба да пристигне кон крајот на оваа година.
Core i9 линијата е базирана на Skylake X платформата и ќе ги има пет во понудата. Најмоќниот е Core i9-7980XE, кој има вртоглави 18 јадра, односно 36 виртуелни јадра, кои можат симултано да работат на 3,3 GHz, односно 4,3 GHz при “Turbo Boost 2.0”, односно дури 4,5 GHz При “Turbo Boost 3.0”. Овие спецификации се доволни за да потврдат дека Core i9-7980XE ќе биде најмоќниот процесор кој ќе може да го вградите во еден домашен десктоп компјутер, односно процесор кој не е наменет за сервери (иако прилично добро ќе заврши работа и како таков).
Покрај него, во понудата влегуваат и Core i9-7960XE со 16 јадра (32 виртуелни), Core i9-7940XE со 14 јадра (28 виртуелни), Core i9-7920XE со 12 јадра (24 виртуелни) и Core i9-7900XE со 10 јадра (20 виртуелни).
Цената на овие чипови ќе биде многу висока и ќе се движи од 999 до 1.999 долари. Според тоа, треба вистински да ви требаат перформансите на еден ваков процесор за воопшто да се одлучите да вложите во него.
Покрај Core i9, Intel претстави и екстремни Х верзии на три Core i7 процесори – 7820X и 7800Х се базирани на Skylake X архитектурата и имаат 8 јадра (16 виртуелни), односно 6 јадра (12 виртуелни), како и Core i7-7740X базиран на Kaby Lake X архитектурата, кој има 4 јадра (8 виртуелни).
На дното од понудата се наоѓа Core i5-7640X, кој има 4 јадра и кој би можел да биде одличен избор за гејмерите со помал буџет, бидејќи ќе чини 242 долари.
Сите процесори ќе бидат базирани на Х299 чипсетот, па затоа треба да бидете сигурни дека ќе имате и таква матична плоча пред да ги купите.