Еден од најголемите новитети во Windows 10 последниве неколку месеци е најавата дека тој ќе може да работи и на ARM чипови, заедно со целосна поддршка за сите стандардни Windows 10 програми.

Сега дознаваме и повеќе за тие лаптопи и таблети и тоа преку Qualcomm, од каде велат дека имаат договор за производство со Asus, Lenovo и HP.

Зошто е ова голема вест? Бидејќи ќе ги донесе сите предности на ARM чиповите кај лаптопите, односно подолго траење на батеријата (до 50% во однос на лаптоп/таблет со Intel чип), во уреди кои ќе бидат исклучително тенки, а без да се загуби премногу на перформансите.

Всушност, бидејќи првите уреди ќе бидат исклучиво испорачани со Snapdragon 835, може да се очекува да бидат прилично брзи.

Windows 10 на ARM чиповите ќе овозможи и брзо будење на уредот и четири до пет пати подолго траење на батеријата во стендбај, односно постојана конекција на интернет и Cortana која може да слуша додека е заклучен лаптопот, исто како што тоа корисниците го прават со своите смартфони и таблети со Android и iOS.

Исто така, Qualcomm Snapdragon 835 има и врвна поддршка за сите мобилни мрежи, што најавува брз 4G интернет на лаптопите опремени со овој чип.

Сето ова се само информации кои ги дава Qualcomm и не мора да значи дека тие целосно ќе се префрлат во финалните верзии на овие уреди. Сепак, знаејќи ги разликите меѓу ARM и x86 чиповите, лесно е да се претпостави дека овие уреди ќе постават нови рекорди во дебелината (односно тенкоста на куќиштето) и дека сигурно ќе траат повеќе со едно полнење на батеријата.

Она што е непознато е дали стандардните Win32 x86 и x64 програми (како на пример Adobe Photoshop и Illustrator, односно целосниот Microsoft Office и мноштво други програми кои може да се симнат од интернет) навистина без никакви проблеми ќе функционираат на ARM чиповите.

Извор: ZDNet, Windows Central, TechRadar

Претходна статијаIntel официјално ја претстави Х серијата на чипови, меѓу кои и Core i9
Следна статијаНовата платформа Expert TV нуди експертско знаење спакувано во кратки видеа