Android и iOS може имаат импресивен број на апликации во својот еко систем, но бројот на Windows x86 програми е многу, многу поголем. Затоа, можноста целосен десктоп Windows 10 да се инсталира на уреди со ARM процесори е една од најголемите вести годинава и најава за супер преносливи уреди со целосен десктоп оперативен систем, кој корисниците ќе можат да го користат како целосен компјутер.

Досега, сите Windows верзии низ историјата можеа да работат само со x86 архитектура на процесори. Денес такви процесори прават само AMD и Intel и нивната предност се високите перформанси. Сепак, овие чипови се ограничени во многу други делови, кои се супер важни за денешните преносни уреди. Поточно, тие се големи потрошувачи на енергија и немаат дополнителни функционалности, како на пример вграден модем за целуларна мрежа, Wi-Fi и Bluetooth.

Сега, Microsoft ни покажа дека тие конечно ја имаат прилагодено десктоп верзијата на Windows 10 за работа со ARM процесори. И не само тоа – тие покажаа дека стандардните Windows програми можат исто така да работат со овие чипови. На демото беше покажана десктоп верзијата на Photoshop, која е дизајнирана за работа само со чипови на AMD и Intel, но веројатно со некаков тип на емулатор, Microsoft сега овозможува програмата да работи и на ARM чипови.

ARM чиповите пак се оние кои се наоѓаат во нашите паметни телефони. Нивната предност е многу помалата потрошувачка на енергија, што овозможува многу потенки уреди со подолго траење на батеријата. Исто така, скоро сите од нив имаа вграден модем за целуларна мрежа (LTE), за Wi-Fi и за Bluetooth. На демото, Microsoft го користи Snapdragon 820 чипот на Qualcomm, кој е во моментов еден од најмоќните ARM чипови.

Веста за Windows 10 на ARM чипови предизвика и многу гласини за Surface Phone и со право. Имено, ова скоро сигурно значи дека Surface Phone ќе се испорачува со ARM чип (веројатно Snapdragon 835), но ќе има можност за целосно искористување на сите Windows 10 стандардни програми. Поточно, кога овој смартфон ќе го приклучите на поголем дисплеј, ќе можете да ги користите десктоп верзиите на Office, сите Adobe CC програми итн. Всушност, на овој смартфон ќе може да инсталирате се што има екстензија .exe. Нормално, на него ќе може да ги користите и сите универзални апликации, кои ќе бидат пред се наменети кога ќе се користи дисплејот на допир, бидејќи десктоп програмите не се оптимизирани за таков начин на работа.

Но, ARM чиповите не се важни само за смартфоните со Windows 10. Со овие чипови, Microsoft и нејзините хардверски партнери, како Lenovo, HP, Dell и Acer, ќе можат да лансираат многу потенки лаптопи или таблет/лаптопи со подолго траење на батеријата. Исто така, во случајот на Snapdragon 835, корисниците можат да очекуваат и прилично високи перформанси, на нивото на Core M чиповите на Intel, но по многу пониска цена.

Дали ова значи дека Windows 10 Mobile ќе замине во историјата рано е да се каже. Windows 10 е сепак преголем оперативен систем за малите, евтини смартфони, бидејќи зафаќа над 15 GB простор кога ќе се инсталира. Сепак, Microsoft може и целосно да ги напушти ниската и средната класа и во тој случај оваа верзија на 10-ката веројатно би заминала во историјата.

Како и да е, главната вест тука е дека отсега ќе имаме преносни уреди со целосен Windows 10 оперативен систем. Ова ќе овозможи многу нови категории на преносни уреди, кои ќе бидат многу помоќни од досегашните. Иднината каде работите што досега сме ги вршеле на нашиот лаптоп и десктоп ќе ја вршиме на нашиот таблет или паметен телефон не е многу далеку. Всушност, очекувајте ги уште наредната година – Microsoft веќе најави дека со лансирањето на Snapdragon 835 ќе пристигнат и првите уреди со Windows 10 на ARM процесор.

А на прашањето дали ова е сламката на спасот за обидите на Microsoft на смартфон сцената, јас би рекол – дефинитивно!

Извор: The Verge, PCWorld, The Next Web, Neowin

Претходна статијаDell доделува – наградната игра на ИТД Дистрибуција
Следна статијаСпоредба на Cloud Storage сервиси