150526123835_1_540x360

Денешните електронски уреди имаат рок на траење од максимум неколку години по што застаруваат и ги заменуваме со нови, поспособни. Брзината на развиток е толку голема што најголемиот дел од технологијата произведена пред десеттина години веќе нема употребна вредност. Што тоа значи? Дека огромни количества технологија се фрлаат на отпад, па потоа дел од тоа се рециклира. Сепак, дел од тоа останува да загадува бидејќи се базира на производи од нафта (винил, ПВЦ итн.).

Еден тим на научници од Универзитетот од Висконсин-Медисон заедно со Департманот на САД за лабораторија за агрикултурни производи од шумите успеаа да направат чип од дрво. Поточно, се работи за создавање на дрвена поддршка за чипот, во смисла на сите елементи кои не се активни во спроведување на електрична енергија. Всушност, електронските компоненти претставуваат само мал дел од чипот, а поголемиот е оној кој научниците го замениле со целулозен нанофибрил (ЦНФ).

Според Женчјанг Ма, еден од научниците кој работел на оваа технологија, „Најголемиот дел од материјал во чиповите е поддршка. Користиме помалку од неколку микрометри за се` друго. Сега, чиповите се толку безбедни што можеш да ги ставиш во шума и габите ќе ги распаднат. Тие (чиповите; заб.) постанаа толку безбедни како ѓубриво“. Во текот на нивниот проект се сретнале со проблем во однос на влагата. Имено, дрвото е материјал кој прима вода, а ако прими доволно вода ја менува својата форма. Затоа тие на ЦНФ му ставиле надворешна „глазура“ направена од епоксидна смола која оневозможила да навлегува вода.

Карактеристиките кои ги поседувале „дрвените“ чипови биле споредливи со тие од стандардните базирани на галиум-арсенид. Секако, разликата е дека овие се биораспадливи и не ја загадуваат околината. Ова значи дека постигнавме уште една победа кон одржлива, околински нештетна технологија која не ја уништува средината во која постои.

Извор: Science Daily, Gizmodo

Претходна статијаDell претстави два супер евтини лаптопи со Linux
Следна статијаKickstarter проект за развој на фонт базиран на ракописот на Алберт Ајнштајн