Сите сме сведоци на брзиот развој на полето на преносливите електронски уреди. Но, сепак и покрај брзиот прогрес, нивната употреба се уште е ограничена од капацитетот и времето на полнење на батериите кои истите ги користат.
Сепак, и овој проблем може веќе да се смета за минато бидејќи компанијата “BlueShift” успеа да развие преносна музичка кутија (преносни звучници) која работи на суперкондензатори и на кои им се потребни само 5 минути за да се наполнат. Друга интересна работа за овој производ е тоа што на овие суперкондензатори, истиот може да работи дури 6 часа.
Тајната е во тоа што суперкондензаторите претставуваат кондензатори со исклучително голем капацитет, кои би можеле да ги заменат широко распространетите хемиски батерии. Разликата е во тоа што енергијата во кондензаторите се зачувува во статична форма, а не како производ на електро-хемиски процес.
Оваа музичка кутија може да се добие во две варијанти, “Helium Mono” и ”Helium Stereo”. “Helium Mono” е со димензии 31 x 18 x 10 сантиметри, кој е опремен со 4 Maxwell BCAP0350 суперкондензатори и еден 4 инчен Fostex FE126E звучник. ”Helium Stereo” има двојно поголем број на суперкондензатори и звучници и неговите димензии се 46 x 23 x15 сантиметри, а дополнително е опремен со појачало од Д-класата, што овозможува повеќе од доволно солиден звук.
Друга интересна карактеристика е тоа што е можен безжичен стриминг од паметен телефон, таблет или лаптоп, благодарение на интегрираниот Bluetooth 2.1 со A2DP, AAC и Apt-X кодеци. Покрај ова, има и вграден 3,5 мм аудио влез.
Оваа звучна кутија е рачно изработена од бамбусово дрво, бидејќи бамбусот како материјал е одличен гледано од акустичен аспект, а истовремено е и доволно цврст.
Цената по која овој производ најверојатно ќе се продава, ќе изнесува некаде околу 400$ за “Helium Mono” и околу 550$ за ”Helium Stereo”.