Само неколку дена од најавата на Yahoo дека се приклучува на Google, Facebook и други во практикувањето на дополнителни мерки за заштита на приватноста на корисниците, се приклучува и Microsoft.
Поточно, Microsoft, како и другите компании, ќе ги извести своите корисници доколку открие активност поврзана со нивната сметка, а се сомнева дека потекнува од актери поврзани со властите. Тоа не значи дека сметката на корисникот е пробиена, туку дека само некој се обидува тоа да го направи.
Ваквата практика ја прифатија повеќето поголеми ИТ компании, а најмногу по откривањето на желбата на властите да ја поседуваат способноста за пробивање на корисничките сметки, информации кои што излегоа во јавноста преку Едвард Сноуден.
Колку корисниците со овој тренд ќе може да се чувствуваат посигурни, останува на нив, а времето ќе покаже дали компаниите се искрени во своите изјави или се работи само за маркетинг потег наменет за подобрување на угледот.
За разлика од другите компании, Microsoft сепак реши да ја воведе оваа политика откако излезе во јавноста дека тие решиле да не известат голема бројка на корисници кои што биле цел на напад од кинеските власти.
Се работи за случај каде што од компанијата дошле до докази во 2011 година дека илјадници сметки на јапонски и африкански дипломати, борци за човекови права, како и на лидери на тибетанските и ујгурските малцинства во Кина биле цел на напад. Од компанијата после поголема дискусија одлучуваат да не ја објават оваа информација и да ги известат корисниците, туку само да ја ресетираат нивната лозинка и да побараат да внесат нова.
Причината која што се смета како најреална за одлуката да не се објави информацијата е не сакањето да се налути кинеската влада, а исто така се дава и објаснувањето дека изворот на нападите не бил од една локација, па не било точно утврдено од каде доаѓа.
Ваквите одлуки на компаниите покажуваат до каде е дојдена работата со приватноста на корисниците, односно желбата на властите истата да ја нарушат. Времето само ќе покаже во кој правец ќе се движат ваквите случувања.
Извор: Microsoft, The Verge, Windows Central, Gizmodo, Reuters