Кој е Дамјан?

Јас сум 24 годишен програмер кој живее и работи во Скопје, а по потекло сум од Крива Паланка. Во слободно време најдобри пријатели ми се Deezer, Netflix и YouTube. Исто така обожавам да читам и дома имам своја библиотека со колекции од автори кои ми се омилени. Омилени жанрови ми се трилер и белетристика. Од авторите би ги издвоил Ден Браун, Џон Гришам, Роберт Ладлам и уште неколку, но највеќе го преферирам Браун заради неговите детални описи. Обожавам да возам велосипед и кога имам слободно време секогаш ќе свртам некој километар. Слободното време го користам и за дружба со пријателите, а понекогаш и ќе избегам од скопските метежи во Крива Паланка да поминам време со семејството кое живее таму.

На какви проекти си работел до сега?

Имам работено на неколку апликации за Android платформата, од кои многу се пилот проекти кои никогаш не го виделе светлото на денот, односно не излегле на PlayStore. Најдобрата е од нив е апликација за временска прогноза Meteo+ која е копија на светски познатата AccuWeather, но податоци влече од друг сервер. Имам направено и игра која ја именував GuessTheWord, но всушност претставува уште една верзија на познатата Hangman(Бесилка). За жал не продолжив да ја развивам, бидејќи видов дека има премногу верзии веќе пуштени на пазарот. Кодот се’ уште го чувам, доколку ми текне некоја посебна карактеристика по која се издвојува, ќе ја доразвијам и ќе ја пуштам на PlayStore.

Имам направено и бледа копија на Instagram без Stories, модицифирана верзија на играта Connect4, со тоа што мојата се вика Connect3, нешто слично на Tic Tac Toe. Можеби ќе направам и копија на Snapchat, но сепак би се фокусирал на автентични производи.

Во фирмите кај што работев тоа беа се корпоративни софтвери и апликации и секако не би смеел да споделувам многу детали околу тие проекти, но би кажал дека сум работел на апликации за CRM(Customer Relationship Management), апликација за чување на одреден периметар со добивање на информации од термални сензори и следење на објекти и потенцијални натрапници преку GPS систем, односно некој вид GPS tracking апликација. Последниот проект на кој работев беше апликација која е всушност читач на QR код кој валидира тикети.

Што е Македонико?

Macedonico е мобилна апликација за Android која всушност претставува преведувач од англиски на македонски со аудио запис. Предноста во однос на Google Translate(GT) e тоа што зборовите и звуците се на автентичен литературен македонски јазик, додека на GT тоа го прави некој аудио бот и воопшто не звучи добро, а и преводот некогаш не е добар. Сето ова се чува локално во меморијата на уредот и може да се користи потполно офлајн, што би им одговарало на оние кои ќе ја користат, бидејќи кога патуваме, најчесто немаме интернет како што имаме кога сме тука, односно 3G/4G конекција. Наречете го разговорен асистент на македонски јазик за луѓе кои не го зборуваат македонскиот јазик.

Сега за сега има само 48 зборови и реченици, но планирам да ја проширам базата на што е можно повеќе зборови и да ги поделам во неколку категории на пр. Ресторан, Супермаркет, Поздрави, Забава (Party phrases) и сл. Има и опција за најавување и персонализација на личен профил, но верувам дека тоа е споредна карактеристика и нема да се користи многу со оглед на тоа дека главната намена на апликацијата е преводот и користењето офлајн. Самите корисници би можеле да побараат некој збор да биде поставен во апликацијата, доколку сметаат дека има потреба од истиот.

Од каде идеја за ваква апликација?

Идејата се роди спонтано, навистина не знам да објаснам како точно, но морав да најдам идеја која што ја нема и да биде малку поразлична од стандардните. Секако морав да направам апликација по рамките на предметот “Мобилни платформи и програмирање” на факултет, па решив покрај семинарска да ја направам и корисна апликација која ќе биде комплетен продукт и основа да се надоградува и да биде достапна за милијарди корисници на Android во светот. Еве, да не испадне дека го избегнав прашањето, идејата се роди така што сакав да го доближам македонскиот јазик што е можно повеќе до светот преку апликација достапна во целиот свет.

Кој е најдобриот начин да се стекне знаење во ИТ?

Најдобриот начин да се стекне знаење во ИТ е со труд и желба. Факултетот може да ви даде одредена основа и насоки, но нема да ве научи доколку сами не се потрудите и не пробувате. Студирањето е истражување и самообразување, не можете да очекувате се’ од факултетот. Програмирањето пред се’ е вештина и бара многу вежбање, односно пишување на многу програми, нека бидат и копии, само да научите. Исто така, мора да читате што се случува во индустријата и да ги следите најновите трендови.

Еден мој совет е дека мора да се одреди една технологија која сакате да ја усовршите, во мојов случај тоа е Android, но можете да изберете уште една до две, чисто да не бидете само во една. Но, запомнете, не можете да ги знаете сите програмски јазици и да бидете добри во секоја платформа и framework. Одете со таа што сте ја одбрале, секако пред да одберете видете и ја перспективата на истата. Да се вратиме, денес е многу лесно да се добие знаење во ИТ, посебно на Интернет, јас ислушав два одлични курса за Android на Udemy и веќе почнав да кодирам сам, го земав курсот за Андроид девелопери во Семос едукација и научив се’ што ми треба за да продолжам сам да се развивам. И еве тие 3 дипломи, малку труд да направам некои свои пилот апликации ми помогнаа да најдам работа и еве конечно да ја лансирам мојата прва апликација.

Значи да сумираме, изберете технологија која сакате да ја научите, читајте многу статии поврзани со вашата технологија, следете твитови од познати девелопери во таа технологија, гледајте open source кодови и туторијали во технологијата која сакате да работите, барајте помош на stack overflow и помагајте ако можете и ако знаете.

Само со труд, посветеност и силна желба за успех ќе успеете. Како што кажав, не зависете од факултетот, знам многу програмери кои немаат диплома од ИТ факултет, а се добри во својата работа, затоа што решиле да го испраксираат тоа знаење кое го стекнале на Интернет или на некоја приватна академија. Денес е многу лесно да учиш на Интернет за евтина цена. Работа, работа, работа и трудот ќе се исплати. Како рекол Томас Едисон “Гениј(от)алноста е 1% талент и 99% работа”, водете се по таа теза, ако сте талентирани ќе ви биде само полесно.

Кои се твоите планови за иднина?

Не би сакал да зборувам пред време, но она што сакам е да го пропатувам светот што е можно повеќе и да ги видам убавите места коишто ги нуди планетата.

Секако, сакам да продолжам да ја развивам Macedonico и да стане популарна апликација со која ќе може да се гордеам. Планирам да направам уште некоја апликација којашто би ја пуштил, но се’ уште немам конкретна идеја. Би сакал и да поработам некоја година во странство, чисто да видам како е да се работи надвор од дома и дали е навистина толку подобро како што сите тврдат. Ама нејсе, обично не сум човек кој сака да планира во идно време, најчесто планирам во блиско идно, односно што би се случило во близок временски период, односно месец до два.

Сега единствено што можам да ви кажам сигурно е дека, летото ми е исполнето со планови и сакам да го поминам најубаво, првенствено месец јули ми е полн со авантури, почнувајки од EXIT фестивалот, потоа годишен одмор на турската ривиера на Средоземно море, потоа некој ден во Охрид и на концерти на Dimitri Vegas & Like Mike и Armin Van Buuren. Сите имаме желби и амбиции за својата подалечна иднина, но да оставиме времето да покаже како ќе се одвиваат работите, понекогаш планирање на подалечна иднина не е паметна идеја, бидејќи не знаеш што се’ животот може да ти донесе, полн е со изненадувања, пријатни и непријатни, но да се надеваме дека сите ќе бидат пријатни. Во време на брзорастечка економија и брз начин на живот, тешко е да планираш на далечни стази…

Што би им препорачал на идните ИТ инженери и програмери?

Овој совет не се однесува само на ИТ инженери и програмери, да не се повторувам за програмирањето и усовршувањето веќе кажав. Но до сите, без разлика на професијата, верувајте во себе и никогаш не се откажувајте, секогаш имало и ќе има подобри од вас, но секогаш давајте го својот максимум, затоа што веројатно и вие сте подобри од некого/ја, а тој труд може само да ви донесе придобивки, нема ништо да ви одземе. Секогаш верувајте во себе и во вашите соништа, животот е чудо, никогаш не знаеш што може да се случи и да ти донесе. Не потпаѓајте под туѓи влијанија и мислења, бидете свои и оригинални, не бидете ничија копија и не пробувајте да бидете како некој друг, направете ваш заштитен знак, најдобриот е да бидете тоа што сте. Живејте го животот според ваши правила, како вие сакате и како мислите дека е најдобро, не дозволувајтеникој да ви кажува што е најдобро за вас, вие самите знаете. Ваш живот, ваши правила. Само така, со самодоверба, силна желба и многу работа се стигнува до успехот…

Претходна статијаFacebook тестира алатка која ќе покажува колку време поминувате на друштвената мрежа
Следна статијаUber возачот на автономното возило кое прегази пешак гледал Hulu за време на возењето