Врховниот суд на Соединетите Американски Држави донесе одлука со која го потврдува законот што бара од кинеската компанија ByteDance да ја продаде популарната социјална мрежа TikTok до 19 јануари или во спротивно апликацијата ќе биде забранета во САД.
Оваа одлука е резултат на загриженоста за националната безбедност, поради потенцијалната можност кинеската влада да има пристап до податоците на американските корисници. И покрај тоа што TikTok има над 170 милиони корисници во САД, судот оцени дека законот не го прекршува Првиот амандман, кој го гарантира правото на слобода на говор.
Доколку ByteDance не успее да ја продаде апликацијата до наведениот рок, TikTok ќе биде забранет во САД, што значи дека нови корисници нема да можат да ја преземат апликацијата, а се’ уште не е познато што ќе биде со постојните корисници. ByteDance првично најави дека ќе ја исклучи апликацијата целосно за американските корисници, но ќе видиме дали навистина тоа ќе го направи.
Новоизбраниот претседател Доналд Трамп изрази подготвеност да преговара за решение кое ќе овозможи TikTok да продолжи да функционира во САД. Извршниот директор на TikTok, Шоу Зи Чев, му се заблагодари на Трамп за неговата поддршка.
Оваа ситуација предизвика загриженост кај корисниците и бизнисите кои се потпираат на TikTok за своето работење. Иако некои инвеститори изразија интерес за купување на TikTok, ByteDance сè уште нема донесено одлука за продажба.
Овој случај ја нагласува тековната тензија меѓу САД и Кина во однос на технологијата и безбедноста на податоците и може да има значителни последици врз иднината на дигиталните платформи и нивната регулација.