За разлика од неговиот прв мандат, минатиот месец можевме да видиме дека Трамп ја има променето политиката кон познатата кинеска апликација TikTok. Тој побара од Врховниот Суд да го одложи важењето на законот според кој од 19 јануари апликацијата ќе биде целосно блокирана во САД.
Со оглед на тоа што Врховниот Суд се’ уште нема донесено одлука, а проценките се дека истата нема да биде позитивна за TikTok, излегуваат информации дека администрацијата на Трамп ќе се обиде да ја спаси оваа апликација.
Еден од начините кои се верува дека може да се одложи блокирањето на TikTok во САД е одложување на блокадата за 90 дена, нешто што е возможно врз основа на законот. За да се одобри ова одложување ќе мора да се докаже дека е направен напредок во продажбата на американскиот дел од апликацијата на друга компанија.
Покрај ова, се најавува и можноста за изгласување на измени на законот, но тоа не би можело да се направи доволно брзо за да се одложи блокирањето на апликацијата кое треба да започне за два дена.
Уште една можност која се најавува е донесување на извршна одлука од страна на претседателот Трамп, но не е познато дали тоа ќе може да се направи со оглед на тоа што овие одлуки не можат да одат против законите.
Како и да е, интересно е што новата администрација на Трамп сака да се избори за останување на TikTok, иако претходната сметаше дека оваа апликација сепак претставува закана за националната безбедност.
Како причина за промената на ставот и политиката на Трамп се смета големиот број на следбеници кои тој ги има на оваа мрежа, нешто што сигурно има придонесено до огромната победа која ја издвојува на изборите.
Дополнително, голем број на корисници заработуваат од TikTok, па треба да се земе во предвид и штетата која ќе настане по блокирањето на апликацијата.
Една работа на која можат да се сложат повеќето е нивото на содржината кое е достапно на TikTok, односно влијанието на младите, без разлика на земјата, политиката и слично.