Доналд Трамп за време на неговиот прв мандат беше познат по тоа што бараше блокирање на TikTok поради истите причини кои сега се користат како аргумент, односно влијанието на кинеските власти врз компанијата сопственик, ByteDance.
Од компанијата се бара продажба на TikTok на друга компанија, а новиот закон кој е донесен подразбира блокирање на апликацијата во САД доколку тоа не се случи до 19 јануари 2025.
TikTok, со околу 170 милиони корисници во САД, веќе поднесе жалба до Врховниот суд, тврдејќи дека законот ги нарушува правата за слобода на говор загарантирани со Првиот амандман.
Од друга страна, Министерството за правда на САД инсистира дека законот е неопходен за заштита на националната безбедност.
Изгледа поради огромниот број на следбеници на TikTok, повеќе од 14 милиони, Трамп сега застанува во одбрана на апликацијата и преку неговиот адвокат Џон Сауер тој поднесе мислење до Врховниот Суд.
Од судот се бара одложување на блокирањето на TikTok, односно спроведувањето на законот врз основа на кој ќе се случи тоа. Трамп, кој ќе ја преземе функцијата на 20 јануари 2025 година, тврди дека одложувањето на законот ќе му овозможи време да преговара за решение кое ќе ги адресира загриженостите за националната безбедност поврзани со апликацијата.
Во своето мислење, тој наведува дека е подготвен да постигне договор кој ќе ги заштити интересите на американските корисници и ќе обезбеди безбедност на податоците.
Трамп исто така смета дека тој ги има потребната преговарачка експертиза, мандат од гласачите, како и желба да го реши овој проблем.