Нешто пред полноќ по македонско време, поточно во 23:37 часот, SpaceX ја лансира седмата тест мисија на нивниот Starship, огромниот вселенски брод кој покрај носењето тежок товар, се планира да се користи за мисиите на Месечината и Марс.
За разлика од претходните неколку тест летови, овој помина не толку добро како што се надеваа од компанијата. Starship леталото не успеа да ја заврши својата мисија и да слета назад на Земјата, па по првичното губење на сигналот, дојде информацијата дека леталото е уништено.
Подоцна станаа достапни и снимки од деловите како паѓаат кон Земјата, а направено било и кратко пренасочување на авиони кои требало да поминат во тој дел.
Седмиот тест лет сепак не е целосно без успех, па Super Heavy ракетата успешно се врати назад на земјата и повторно, вторпат беше фатена од механичките раце на кулата од каде што полетува.
Првото вакво „фаќање“ беше направено за време на петтиот тест лет и беше еден вид на историски успех за SpaceX. За време на шестиот тест лет враќањето на Super Heavy ракетата не помина целосно според планот, па наместо да слета на кулата, истата беше пренасочена да слета во океанот.
Причината поради која Starship не успеа да ја заврши својата мисија после толку успешни мисии е во промените на дизајнот во леталото кои првпат беа пуштени со овој лет.
Од SpaceX како и секогаш истакнуваат дека овие тест летови се тука за да се соберат што повеќе информации и да се научи за подобрување на леталата.
Снимката од лансирањето на Starship во седмиот тест лет можете да ја погледнете во продолжение.