Opera, познатиот норвешки интернет прелистувач, кој сега е во кинеска сопственост, може да се каже дека станаа познати по претставувањето на различни посебни верзии од прелистувачот.
Ова можеби е и добар пристап, па наместо повеќето функции да ги вградат во главниот прелистувач и да го преполнат, од компанијата претставуваат посебни верзии наменети за одредени делови од пазарот.
Opera сега има уште еден нов прелистувач и тој е наречен Opera Neon. Од компанијата го промовираат како првиот прелистувач со агенти со вештачка интелигенција, а кратко кажано, овие агенти се познати по тоа што можат да „сурфаат“ во име на корисникот.
Тоа значи дека Opera Neon ќе може да извршува одредени активности за корисникот, како на пример пополнување формулари, резервација на хотели, па дури и купување на производи.
Со оглед на тоа што вештачката интелигенција сѐ уште е во развој и познато е колку често греши, ќе видиме дали ваквите активности ќе можат да бидат направени како што треба, а и колку корисниците би ја користеле оваа функција.
Opera Neon очекувано овозможува и разговор со ВИ, како и со било кој од другите „четботови“, а посебно се истакнува можноста за добро разбирање на потребите на корисникот.
На крајот, од компанијата истакнуваат дека Opera Neon ќе може да извршува и понапредни задачи, како креирање на игри, веб страни, извештаи и слично.
„Opera Neon е прелистувач што може да ги разбере намерите на корисниците и да извршува задачи во нивно име, како и да ги претвори нивните идеи и потреби во реалност на интернет. За да го постигне тоа, Opera Neon воведува агентски AI можности за прелистување кои одат подалеку од традиционалното прелистување и ја претвораат корисничката намера во акција.“ – истакнуваат од Opera.
Opera Neon ќе биде прелистувча кој ќе се наплаќа, а корисниците можат да се регистрираат за пристап до првите верзии на http://www.operaneon.com/.