Meta, односно во тоа време Facebook, најави воведување на шифрирани разговори кај сите нивните апликации уште во 2019 година. Планот беше да имплементацијата на оваа заштита на разговорите заврши оваа година, но минатата година најавија дека тоа сепак ќе се случи во 2023.

Од компанијата сега излегоа со информации за тоа до каде се со имплементацијата, а дополнително најавија и нови функции кои ќе дојдат како дел од овој процес.

Од оваа недела Meta започнува со тестирање на „end-to-end encryption“, односно шифрирање на разговорите кај одреден број на корисници на Messenger. Ова значи дека досегашните разговори, кои ќе останат достапни, ќе почнат да бидат шифрирани и недостапни за некој друг, освен за двата корисници во разговорот.

Корисниците кои ќе бидат дел од тестот нема да мора да вклучуваат „приватен разговор“ за да ги заштитат нивните разговори, нешто што моментално мора да се направи доколку се сака „end-to-end encryption“ на разговорите.

Овој тест постепено ќе се проширува на повеќе корисници, се додека функцијата не биде пуштена за сите корисници во некој период од идната година.

Заедно со тестирањето на шифрирани разговори, Messenger ќе добие и тест на нови функции кај овие разговори со цел да тие ги имаат истите како стандардните разговори. Тука се мисли на можноста за бришење на разговорите, реакции и слично.

Нова функција која ја најавуваат од компанијата, а ќе почне да се тестира, е Secure Storage, која ќе овозможи безбедно зачувување, односно „бекап“ на шифрираните разговори, исто така во шифрирана форма.

Корисниците ќе имаат можност да користат и сервис по свој избор за зачувување на разговорите, покрај стандардниот од Meta.

За потсетување, од-крај-до-крај шифрирањето овозможува да никој, дури ни компанијата која стои зад сервисот, во овој случај Meta, не може да ги види пораките, а тоа останува возможно само за корисниците во разговорот.

Ова треба да овозможи доста поголем степен на приватност во разговорите, а исклучок од тоа треба да биде само доколку корисниците одлучат да пријават некоја порака.

ИЗВОРEngadget
ИЗВОР 2Meta
Претходна статијаSamsung ги претстави нивните најнови уреди на Galaxy Unpacked August 2022
Следна статијаXiaomi го претстави MIX Fold 2 со доста тенки димензии, Leica леќи и Snapdragon 8+ Gen 1
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.