Фото: Shutterstock.com

Meta, поранешна Facebook, го одложува воведувањето на шифрирани разговори кај своите Messenger и Instagram апликации за 2023, откако првичните најави беа дека тоа ќе се случи некаде во 2022 година.

Messenger веќе има можност за шифрирани разговори, кои само учесниците можат да ги прочитаат и никој друг, но тие не се вклучени автоматски и корисниците треба посебно да ги вклучат, а достапни се само преку мобилната апликација.

Meta, односно тогашен Facebook, уште во 2019 почна со најавата за воведување на шифрирани разговори кај сите нивни сервиси. Тоа беше кога најавија дека планираат да ги поврзат нивните сервис, па корисниците да можат да комуницираат помеѓу Messenger, Instagram и WhatsApp.

WhatsApp веќе одамна има шифрирани разговори, па оваа апликација останува единствената сега за сега апликација од Meta која им нуди на корисниците приватност при комуникацијата, иако изминатата и оваа година добија доста критики за промената на условите и поврзаноста со Facebook мрежата.

Главната причина поради која се одложува воведувањето на шифрирани разговори кај Messenger и Instagram е проблемот кој се создава за властите кои тогаш немаат пристап до комуникацијата и кога тоа е потребно. Исто така, се губи можноста за заштита од размена на одредени фотографии со недозволена содржина.

Од Meta сакаат да овозможат шифрирана комуникација која сепак нема да ја тргна можноста за одреден степен на заштита, па ќе видиме како истото ќе го изведат без да не се наруши вистински приватноста на разговорите.

Од компанијата даваат пример дека, без да се навлегува во содржината на разговорите, блокирани може да бидат сметките на корисници кои често испраќаат многу пораки до поголем број на корисници и слични примери.

ИЗВОРThe Hacker News
Претходна статија“Ана“ (2021) – нова дистописка серија пристигнува на Pickbox NOW
Следна статијаInstagram сега овозможува бришење на слики од објавите со повеќе слики
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.