Оваа недела се покажа одлична за „фановите“ на смартфоните на преклоп. По претставувањето на Galaxy Z Fold4 и Galaxy Z Flip4 од страна на Samsung, Motorola го претставија нивниот Moto Razr 2022, а подоцна излегоа и Xiaomi со нивниот MIX Fold 2.

Од тоа што можевме да го видиме, Xiaomi изгледа ќе го привлече главното внимание, па штета што нивниот уред изгледа нема да може да се купи секаде во светот.

MIX Fold 2 е уред на преклопување кој е направен во стилот на Samsung Galaxy Z Fold, односно има еден поголем екран кој го претвора уредот во мини таблет компјутер и уште еден помал екран кој се користи кога уредот е затворен и му овозможува на корисникот повеќе класично мобилно искуство.

Тоа што привлекува посебно внимание кај MIX Fold 2 се неговите димензии, поточно неговата мала дебелина. Уредот има димензии од само 11,2 милиметри кога е затворен и 5,4 милиметри кога е отворен. За споредба, ново претставениот Galaxy Z Fold4,  има димензии од 15,8 кога е затворен и 6,3 кога е отворен. Главната разлика е кога уредите се затворени, нешто што навистина може да го привлече вниманието на корисниците.

Од Xiaomi посебно го истакнуваат механизмот за преклопување, односно шарката која самите ја имаат развиено. Од компанијата механизмот го нарекуваат „Micro Waterdrop Hinge“ и истиот има помал радиус на преклопување, како и потенки модули, а користи и јаглеродни влакна.

Сето ова овозможува уредот да биде тенок, а исто така и полесен, вклучувајќи само 87 делови во системот за преклопување.

Екраните кај MIX Fold 2 се со големина од 8,02 инчи и 6,56 инчи кај помалиот екран. Првиот има резолуција од 2160 на 1914 пикслеи и стапка на освежување од 1 до 120 херци. Овој екран користи и посебна технологија која овозможува помал отсјај, поголема светлина и почисти бои.

Помалиот екран има резолуција од 2520 на 1080 пиксели и стапка на освежување од 120 херци.

MIX Fold 2 работи на најновото на пазарот кога е во прашање чипот, односно на Snapdragon 8+ Gen 1, што значи дека нема потреба од најава што може да се очекува од аспект на перформанси и заштеда на енергија.

Уште една работа која се истакнува кај MIX Fold 2 е и соработката со Leica, па покрај користењето на леќите од оваа компанија, сликањето доаѓа со посебните стилови кои станаа карактеристични за телефоните кои имаат Leica леќи.

Главната камера има сензор од Sony со 50 мегапиксели, а има уште две камери, односно ултра широка со 13 мегапиксели и камера за зумирање со 8 мегапиксели и два пати оптичко зумирање.

Телефонот во Кина ќе се продава по цена од 1340 долари за моделот со 12GB RAM и 256GB простор, односно 1780 долари за моделот со 12GB RAM и 1TB простор за податоци.

ИЗВОРGSMArena
ИЗВОР 2Xiaomi
Претходна статијаMeta ќе почне со тестирање на шифрирање на пораките во Messenger, како и нов шифриран „бекап“ на овие разговори
Следна статијаЕден сребрен и два бронзени медали за историски врвен успех на Македонија на Интернационалната олимпијада по информатика
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.