Meta оваа недела најави неколку новини кои доаѓаат кај нивната Instagram мрежа, поточно новини поврзани со делот за пораки. Сите новини се мали, но добредојдени, па сигурно ќе го направат подобро искуството кај оваа мрежа која се повеќе се користи и за комуникација.

Главната новина, иако не е така најавена, е можноста за измена на испратените пораки. Корисниците ќе имаат рок од 15 минути, исто како и на Messenger, да направат измена на пораката, во ситуации кога направиле обична печатна грешка или едноставно се имаат премислено за тоа што го напишале.

Измената на порака може да се направи преку менито кое и досега беше достапно со продолжено притискање на конкретната порака. Во ова мени сега е додадена можноста „Edit“.

Instagram добива и можност за прикачување на омилените разговори на врвот од листата. Можноста ќе биде достапна за до три групни или поединечни разговори, а поставувањето ќе се прави преку повлекување лево на пораката или со продолжено притискање на истата и избор на новата можност „Pin“.

Корисниците ќе можат да изберат дали сакаат да ги прикажуваат потврдите за прочитана порака, а интересно, кај оваа мрежа тоа ќе може да се прави посебно по порака или за сите. За исклучување или вклучување на оваа опција за сите разговори, потребно е да се отиде во Settings > Messages and story replies > Show read receipts.

Instagram ја добива и можноста за зачувување на омилени „стикери“ за побрз пристап до нив, а тука е и можноста за одговарање на конкретна порака со стикери, слики, видеа и слично.

Последно, мрежата ќе добие можност за избор на теми во разговорите кои ја менуваат позадината, боите и слично. Оваа можност е одамна достапна на Messenger, па повеќето корисници знаат што да очекуваат.

ИЗВОРMeta
Претходна статија„Паднаа“ Facebook, Messenger и Instagram за повеќето корисници во светот
Следна статијаMicrosoft ја трга можноста за користење на Android апликации во Windows 11
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.