Една од главните нови можности кои беа најавени за Windows, за време на презентацијата на Windows 11 пред три години, беше можноста системот да работи со Android апликации.

Иако оваа можност беше најавувана како една од клучните новини, корисниците не ја добија веднаш, а кога конечно беше пуштена, истата никогаш не стана достапна за повеќе земји, покрај САД и уште неколку.

Можноста за инсталација на Android апликации беше овозможена преку „Windows Subsystem for Android“, а апликациите се инсталираа преку продавницата за апликации на Amazon.

Јасно стана дека оваа функција не беше тоа што се очекуваше, па покрај не толку добрите перформанси, кои сепак со тек на време станаа подобри, изборот на апликации никогаш не стана добар, очекувано кога не беше достапна Play Store.

Сега Microsoft се реши да ја откаже оваа функција, а планот е таа целосно да биде исклучена до 5 март 2025 година. Иако рокот е цела година и тие кои веќе ги имаат инсталирано апликациите ќе можат да ги користат, тие кои немаат инсталирано Android апликации, веќе нема да можат да го направат тоа од денешната дата.

„Microsoft ја прекинува поддршката за Windows Subsystem for Android™️ (WSA). Како резултат на тоа, Amazon Appstore на Windows и сите апликации и игри зависни од WSA веќе нема да бидат поддржани почнувајќи од 5 март 2025 година. Дотогаш, техничката поддршка ќе остане достапна за клиентите. Клиентите што ги инсталирале Amazon Appstore или апликациите за Android пред 5 март 2024 година, ќе продолжат да имаат пристап до тие апликации до датумот на застарување од 5 март 2025 година.“ – истакнуваат од Microsoft.

Од компанијата не ја најавија оваа одлука официјално, па истата е откриена од страна на Windows Central кои ги провериле документите за програмерите кои ги објавуваат од Microsoft.

За корисниците во Македонија ова не прави некоја разлика, освен за тие кои успеале да ја вклучат поддршката неофицијално.

ИЗВОРPCWorld
Претходна статијаInstagram доби можност за измена на испратените пораки
Следна статијаApple ја пушти iOS 17.4 надградбата која ги донесува промените наметнати од ЕУ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.