Apple вчера ја претстави нивната Final Cut Pro 11, нова верзија од оваа популарна апликација после дури 13 години. Секако, Final Cut Pro имаше доста надградби во годините, но сега конечно доаѓа нова генерација од апликацијата.
Новините кои доаѓаат со новата верзија во главно се поврзани со нови функции, што значи дека не се работи за редизајн на корисничкиот интерфејс кој останува ист и препознатлив.
Очекувано, како главни новини се сметаат тие сега возможни поради генеративната вештачка интелигенција, а тука е и можноста за измена на видеа за Vision Pro уредот, односно просторни видеа, а истите може да се менуваат и на самиот уред.
Како главни новини со вештачка интелигенција се истакнуваат Magnetic Mask, функција која овозможува изолирање на луѓе и објекти во видеата без потреба од користење на зелена позадина. Оваа алатка овозможува повеќе можности за дополнителна измена на ваквите видеа, односно на позадината и околината.
Transcribe to Captions исто така доаѓа благодарение на генеративната вештачка интелигенција, а Apple истакнува дека ги користи своите големи јазични модели за функционирање на оваа функција. Како што кажува самото име, оваа функција овозможува автоматско додавање на „титлови“ на видеата.
Дополнително, Final Cut Pro 11 добива уште неколку ВИ функции, како што е автоматското прилагодување на видеата за друштвените мрежи, подобрување на светлото и боите во видеата, подобро забавено видео и изолација на гласот.
Нова верзија Final Cut Pro добива и за својата верзија на iPad Pro, а исто така надградена е и Final Cut Camera апликацијата, како и Logic Pro.