Не можам себеси да се опишам како хардкор љубител на читање стрипови. Го почитувам жанрот, и имам прочитано неколку изданија (претежно поврзани со Џокер и Бетмен). Читајќи ги некои од популарните стрип серијали, повеќето ми изгледаа „детски“ направени. Односно, дијалогот и раскажувањето често (со исклучоци) се сведува на елементарно ниво, недоволно за да ме натера да размислам повеќе, или пак да ме изненади со неочекуван пресврт.

Но, сето тоа се смени откако ја прочитав првата колекција на приказни од серијалот Сендмен (напишан од Нил Гаиман). Долго време бев запознаен со тоа име (Сендмен), меѓутоа не бев сигурен дали е филм, серија, или нешто друго. Само знаев дека се работи за производ што ужива култен статус меѓу љубителите на фантазијата, хоророт и научната-фантастика.

Сендмен изгледа на стрип, напишан е како стрип, меѓутоа раскажувањето, и дијалозите, и целокупната атмосфера ги преминува сите традиционални жанровски елементи.

Првиот серијал е објавен во 1989 година (Preludes and Nocturnes). Останатите се: The Doll’s House; Dream CountrySeasons of MistsA Game of YouFables and ReflectionsBrief LivesWorld’s EndThe Kindly OnesThe Wake.

Preludes and Nocturnes

Приказната започнува со група на окултисти кои се обидуваат да ја заробат Смртта, во потрага по бесконечен живот. Меѓутоа, наместо Смртта, тие го заробуваат Богот на Сништата (Сонот – Dream). Разочарани, тие се обидуваат да воспостават контакт со Сонот за да го добијат она што првично го посакувале. Но, од другата страна нема никаков одговор, а тишината трае 72 години.

Во меѓувреме, човештвото се справува со последиците од заробувањето на Сонот. Насекаде низ светот луѓе ненадејно заспиваат, и не се будат со години. После 72 години, Сонот успева да избегне од заробеништво, и ги осудува неговите заробеници на вечна разбуденост.

Image result for sandman neil gaimanВо наредните неколку приказни, Сонот трага по своите „оружја“ со кои господарел со Светот на Сништата. Една од приказните се фокусира на неговата авантура во пеколот, додека во друга се појавува Џон Константин (добро познат лик според кој беше снимен филм со Киану Ривс).

Повеќето од приказните се мрачни, и често се изненадував до кој степен се развиваше дејствието во некои од нив.

Нил Гаиман е фантастичен писател. Тоа го докажа со American Gods и др. негови ремек дела. Меѓутоа, тој стана популарен токму преку Сендмен. И со добра причина. Сендмен беше номиниран дури и за Хуго награда. И да сте, а и да не сте љубители на читање стрипови, вреди да се втурнете во универзумот на Сендмен.

Претходна статијаДали нашите податоци биле дел од тие кои ги има собрано Cambridge Analytica?
Следна статијаКаде да ги видите и како да ги тргнете апликациите со кои се имате најавено со вашата Facebook сметка?