Како деновиве пак расте цената на Биткоин (Btc) над 8,000$ се чини дека веќе е извесно дека криптовалутите are here to stay. Но иако некои се надеваат дека Биткоин целосно ќе го замени постојниот монетарен систем, многу поизвесно е дека – барем за еден период од 10-15 години – двата модели ќе постојат паралелно. Со што се отвора прашањето какви би биле ефектите врз монетарната политика на државата доколку се легализираат криптовалутите, и, поважно, се зголеми нивното користење (сепак, моментално Биткоин претставува ~0.11% од паричната понуда на глобално ниво). 

Интересно е што и критичарите на криптовалутите (да ги наречеме, поконзервативните економисти), но и поддржувачите (да ги наречеме, ентузијастите) горе-доле имаат ист став, само го кажуваат со различни зборови односно го прикажуваат негативно/позитивно зависи кој зборува.

На пример, вице-гувернерот на Федералните резерви Рендал Кварлес во едно предавање укажува дека доколку се зголеми користењето на криптовалутите се намалува моќта на ФЕД-от во кризни ситуации. Според него, доколку постои алтернативно средство како Биткоин во услови на криза се намалува влијанието на централните банки и нивната моќ да влијаат врз ценовниот и кредитниот ризик бидејќи курсот на доларот може да стане нестабилен.

Иако ова важи за секое средство кое може да стане safe asset во услови на финансиска криза, со единствена разлика што Биткоин е подостапен за секого (од, да речеме, златото), ова е и добра работа.

Ако се продискутира ставот од друга перспектива, всушност ќе се увиди дека станува збор за позитивна страна на криптовалутите. Едноставно, истите воведуваат конкуренција на државниот монетарен монопол со што државите мора да станат многу подисциплирани.

Впрочем, истиот став, од друга перспектива, се потврдува во анализа од Jesus F. Villaverde. Во заклучокот се наведува:

…конкуренцијата од приватни пари наметнува пазарна дисциплина на било која влада која емитува пари. На пример, ако одредена централна банка не обезбедува доволно „добри“ пари, тогаш ќе има потешкотии при имплементирање на нивната емисиона цел. Ова можеби е најдобрата карактеристика на криптовалутите. [Зголемената] валутна конкуренција сепак може да има голем бенефит за квалитетот на животот.

Токму ова и беше намерата на Фридрих Хајек и останатите „идејни татковци“ на криптовалутите кога промовираа валутна конкуренција пред 60-тина години.

Претходна статијаThe Witcher: Одлична серија, со неколку маани
Следна статијаCES 2020: Samsung го прогласи почетокот на „Age of Experience“
Крипто-ентузијаст и љубител на СФ и хорор стрипови.