Digital-Privacy

Која е битноста на приватноста

Како што беше спомнато во Дигитална приватност – Apple vs FBI, постојат луѓе кои го застапуваат ставот „Ако немаш што да криеш, нема што да се плашиш (т.е. што ќе ти приватност)“, па сепак не ги гледаме да шетаат голи по улица поради причината што нивната голотија претставува дел од нивната приватност која е резервирана само за нивните блиски личности.

Основачот на Facebook, Марк Закерберг, ноторно ќе изјави дека смета дека „приватноста е мртва“. Сепак, не гледаме како ги објавува лозинките од своите профили и сметки на Интернет. Не само што ги чува како да се дел од неговата „мртва приватност“, туку и околу својата куќа во Пало Алто, Калифорнија купи четири имоти за да ја обезбеди својата приватност. Значи, приватноста е „мртва“ само кога сакаш да гледаш што прават корисниците на твојата мрежа, Марк, но кога се однесува на тебе не важи, така?

mark-zuckerberg-and-friend-in-noe-valley-5
„Приватноста е мртва… (мислам, не за мене, за вас, драги корисници)“ – Марк Закерберг

Сите ние знаеме дека во нас се раѓаат секакви мисли. Дали ќе одлучиме да ги спроведеме зависи од нашиот систем на вредности кој најчесто се поклопува со тој на околината во која живееме.

За жал сеопштото ширење на набљудувачка технологија и ставови форсирана во и од најразвиените земји на светот, и пробуткана преку сомнителната борба против „тероризмот“ и други скоро-нерационални закани (поради вистинскиот процент на ризик кој доаѓа од нив; на пример, 4 пати е поверојатно дека ќе ве удри гром него дека ќе загинете од терористички напад, кој стои некаде околу 1:3.500.000), систематски ја уништува приватноста на луѓето. Кога (повеќето од) луѓето сметаат дека се набљудувани од некој кој може да им наштети поради нивните ставови, тие се самоцензурираат.

inertia-underwater-sculpture-jason-decaires-taylor

Тие веќе не ги изразуваат своите вистински мисли и ставови, ниту пак имаат можност да ги тестираат во дебата со блиските луѓе. Тие постануваат роботи, автомати кои папагалски ги повторуваат „популарните“ општествени ставови, иако многу често не се согласуваат со нив.

Ова создава опасна шизофрена ситуација во која луѓето симулираат прифаќање на популарни ставови додека тивко во себе го горат гневот на несогласување, кој резултира или во полудување и пукање по луѓе, во паѓање во депресија, или во претворање во дволична, непринципиелна личност. Во секој случај, негативна појава. Дали навистина сакаме да имаме заболена популација само заради некаква си полуоправдана борба против „тероризмот“ или криминалците?

Приватноста е вредност на слободното човечко суштество, и во својата крајна форма значи ситуациона состојба во која човекот може да се довери сам на себе, а потоа на најблиските, за своите размисли, ставови и расудувања без да трпи штета поради истото.

Тогаш, дали е потребно шпиунирањето?

homepage-DecemberIssue-Corporate_Spy-corp.spy_article_H

Апсолутно да. Проблемот е кога „забегува“ до граници каде не е потребно и едноставно пресомнително.

Имено, постојат криминалци и терористи кои навистина многу добро се кријат и на конвенционален начин би било тешко да се откријат пред да направат штета. Во вакви случаи следењето на нивните комуникации е апсолутно оправдано. Се поставува прашањето: како ќе бидат откриени ваквите без општораширено, недискриминирачко нарушување на приватноста на сите луѓе?

Тоа е работа на безбедносните органи кои се способни да излезат на крај со вакви случаи. Вакви криминалци постоеле и пред неколку децении, па безбедносните органи успешно се справувале со нив и без денешните технички можности за следење. Во основа, кога ќе се појави потенцијал за некој да биде сметан за опасен, тогаш безбедносните органи можат да настапат со прогресивно интензивни мерки за следење.

b764a328-c6e8-44e5-8681-3d0994592364_560_420
Се грижиш за својата приватност? Мора да си криминалец.

Инаку, проблемот кој настанува е кога сите луѓе се „потенцијални криминалци“ за органите, нешто што всушност се прифаќа со модерното недискриминирачко следење на сè. Тоа во основа е многу погрешен став, особено со оглед на тоа дека модерните цивилизирани општества го прифатиле ставот на „презумпција на невиност“. Па така, со таквиот став следниот пат кога некој, поради незавршена работа на шалтер во УЈП, ќе изјави „проклета држава“ тој автоматски ќе стане потенцијален криминалец, иако сакал само да изрази незадоволство кон работата, а немал никаква намера да организира рушење на уставниот поредок.

Како и во скоро сè друго, тајната е во рамнотежата – како да се оствари слобода на мислата кај луѓето, а во исто време да се овозможи функционирање на безбедносните органи.

Кој е исправниот начин за истовремено осигурување на безбедноста и приватноста

values

Како што напоменав погоре, спроведувањето на мислите во дела зависи од системот на вредности кој го имаме прифатено во комбинација со ситуацијата во која мора да направиме морален суд. Затоа, вистинскиот начин за создавање на здраво, просперитетно и слободно општество е преку апсолвирање на систем на вредности во неговите заедници и кај државните органи кој ќе овозможи почит кон другите и различноста на мислењата и ставовите без злоупотреба на моќ при спроведување. Колку некое општество е поздраво и посреќно, толку помалку создава неприлагодени појави кои подметнуваат бомби и пукаат по луѓе.

Терористите и останатите екстремни закани се најчесто резултат на непоклопување меѓу системите на вредност кај злочинителите и општеството. За вистински да се спречат овие појави, или да се маргинализира нивната појавност, потребно е проблемот да се решава пред сè суштински (исправен и времнотежен систем на вредности кој овозможува индивидуалност и слобода на мисла), а тек потоа симптоматски (државни органи за безбедност).

Секако дека сум свесен дека раширувањето на концептот на „секоја комуникација е следена“ има одредено дејство кон намалување на планирањето на разни криминални дела, но за жал со себе го носи ефектот на уништување на слободата и апсолвирање на роботски и робовски менталитет кај здравата и нормална популација, и оттаму не сум убеден во неговата исправност. Да не спомнувам дека одлучните криминалци наоѓаат начини како да се скријат и од следењето, како што наоѓаат начини како да поминат преку границата во ЕУ додека нормалните граѓани чекаат со часови на граничниот премин.

Луѓето мора да пораснат, созреат и да научат да не трчаат за секоја најмала ситница и нерационален страв до родителот (дадилката-држава) за да ги лулка во сон. Државата е методот на потемелно остварување на нашите човекови права, меѓу кои се слобода, среќа, развиток, безбедност. Таква и треба да остане.

А, во оној случај кога ќе се појави некоја „будала“ која планира да подметне бомба, таа треба брзо и ефикасно да го среди проблемот. Тајната е во рамнотежата.

Повеќе информации: Washington’s Blog, Prezi, Debate.org, NY Times, Government Health IT,

Претходна статијаДостапна тест верзијата од новиот Brave интернет прелистувач
Следна статијаFoxconn во преговори за купување на јапонскиот Sharp