CY98UCXUQAE_hmA.jpg large

Во текот на денешниот ден SpaceX, по успешно завршената мисија, повторно се обиде својата Falcon 9 ракета да ја слета на брод/платформа во океан. Овој пат, исто како и минатите два обиди, заврши неуспешно.

Ракетата успева да стигне до платформата, па дури на момент се чини и дека успешно го завршува слетувањето, меѓутоа во последен момент се превртува на едната страна и експлодира.

По разгледување на снимките и податоците од слетувањето, дојдено е до заклучок дека причина за превртувањето е неисправноста на една од трите „ногарки“ на коишто стои исправено ракетата.

A video posted by Elon Musk (@elonmusk) on

Елон Маск затоа и изјавува дека шансите се дека до превртувањето би дошло и доколку слетувањето било направено на копно.

Инаку, SpaceX го направи своето прво успешно вертикално слетување на Falcon 9 ракетата, меѓутоа на копно. Она што претставува вистински предизвик е слетувањето на брод/платформа во океан, па затоа и обидите се насочени кон успевање на овој начин.

Една од предностите на слетувањето на брод е што тој може да биде однесен на погодна локација за слетување, за разлика од фиксната позиција на копно, односно на местото на полетување.

Полетувањето и слетувањето на ракетите следи параболична форма, па враќањето назад на почетната позиција не е баш пригодно, а бара и повеќе гориво кое што не секогаш може да биде однесено во одредена мисија.

Интересна е атмосферата која што се пренесува од страна на Елон Маск и SpaceX, атмосфера која што покажува дека тие не се разочарани од неуспехот, туку дека се се’ поблиску до решавање на проблемите коишто доведуваат до вакви исходи.

Охрабрување по неуспехот дојде и од Џеф Безос чија што компанија Blue Origin го направи првото успешно вертикално слетување на копно.

Извор: The Verge (1), (2), Mashable

Претходна статијаSony претстави нова светилка, која автоматски ќе го пушта телевизорот кога ќе влезете во собата
Следна статијаКако да направите screenshot во Windows и корисни програми за работа со вакви слики
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.