2016-01-17 13_36_28-Smartportal.mk - Портал за паметна технологија _ Smartportal.mk

Сигурно некогаш ви се случило да сакате да „документирате“ нешто што сте го виделе на Интернет на пример, а не сте можеле да го пренесете целосно контекстот само преку копирање на текст.

Во вакви ситуации одлично се наоѓа можноста за „сликање“ на екранот (screenshot), односно тоа што во моментот го гледате и зачувување во форма на слика. Оваа слика потоа можете да ја испратите и подобро да објнасните што е тоа што сакате да го кажете.

Во продолжение ќе ви прикажеме како се прави screenshot во Windows, како и две одлични програми за работа со овие слики, коишто сигурно ќе ви се најдат доколку често работите со screenshot-ови.

1. Како да ископирате екран директно во Windows

Копирањето на екранот во Windows е процедура која не е особено сложена, но е малку посложена отколку користењето на посветени програми за тоа. Воедно, можете да очекувате помалку опции при копирањето и создавањето на сликата, но за возврат нема да имате потреба да инсталирате ништо дополнително.

Процедурата е следна:

Чекор 1: Ја отворате страницата (или било кој друг екран) од која сакате да ископирате дел

2016-01-17 13_48_34-Smartportal.mk - Портал за паметна технологија _ Smartportal.mk

Чекор 2: На тастатурата го притискате копчето Print Screen (понекогаш скратено во PrtSc и обично меѓу најгорните тастери).

2010-05-02_095651_KeyboardPrintscreenKey

Чекор 3: Го отворате програмот Paint. Најбрзиот начин за ова е со притискање на Windows + R, впишување „mspaint“ и притискање Enter. Или едноставно пронајдете го во Start менито.

2016-01-17 13_53_16-

Чекор 4: Кога сте веќе во Paint, притиснете CTRL + V. Содржината од меморијата ќе се префрли во Paint каде ќе можете да ја уредувате сликата. Тука можете да ја скратите само на содржината која ви треба, да цртате стрелки и други знаци, да допишете текст и други работи по потреба.

2016-01-17 13_58_32-2016-01-17 13_48_34-Smartportal.mk - Портал за паметна технологија _ Smartportal

Чекор 5: На крај, запамтете ја сликата преку File -> Save As во некој формат. Препорачуваме во JPG ако сакате да зачувате простор или во BMP/PNG ако сакате совршен квалитет.

Горната процедура ви е прекомплицирана? Тогаш продолжете со читање – следат доста полесни начини за копирање на (дел од) екранот во слика.

2. Како да ископирате екран преку Greenshot или Lightshot

Постојат десетици алатки кои овозможуваат копирање на екранот, но веројатно најдобрите од нив се Greenshot и Lightshot. Кој ќе го одберете зависи од вашата лична желба, но имајте предвид дека најдобро е да инсталирате само еден.

Greenshot

2016-01-17 14_05_13-Screenshots of Greenshot in action

Greenshot e програм со отворен код кој е бесплатен и зафаќа многу малку од системската меморија (без слики околу 20-тина мегабајти) и не го оптоварува системот воопшто. Го инсталирате и потоа се населува во алатникот.

Со едноставно притискање на истото Print Screen копче на тастатурата програмот ја замрзнува сликата и се активира „мета“. Одбележувањето на површината која сакате да ја ископирате се прави со стискање и држење на левото копче на глушецот, а по отпушање Greenshot ви нуди мени со опции за запамтување на сликата и за директно закачување на Imgur (меѓу другото).

Оп – и сликата е направена за помалку од 5 секунди!

Lightshot

lightshot_interface

Lightshot e програм кој мора да признаеме дека има поубаво корисничко опкружување од Greenshot. Тој е исто така бесплатен, но не е со отворен код (ако истото има значење за вас).

Исто како и со Greenshot, по инсталирањето на Lightshot притискате Print Screen (кое, секако, можете да го промените) и се појавува „метата“ со која ја центрирате потребната содржина. Опциите потоа се за запамтување, копирање во работна меморија и така натаму.

Една од најдобрите можности на Lightshot е тоа што веднаш можете да правите промени на сликата, а истата доколку сакате да ја споделите, наместо да ја зачувате локално, ја качувате во „облакот“.

Уште покорисно, можете да наместите да секогаш кога слика ќе биде прикачена во облакот, автоматски да ви биде ископиран линкот до таа слика. На овој начин го добивате најбрзото можно споделување на дел од вашиот екран, од било кој друг начин.

Со Lightshot исто така можете веднаш да пребарувате слични слики на таа која сте ја ископирале, што е интересна опција која ја нема во Greenshot.

Се надеваме дека ви помогнавме во документирање на сите оние моменти во кои сакате да бидат пренесени какви што биле на „лице место“. Среќно сликање!

Дополнителни информации: Greenshot, Lightshot

Претходна статијаУште едно неуспешно вертикално слетување на Falcon 9 на SpaceX
Следна статијаCodefest 2016 ги поврзува сите страни на технолошката заедница