Можеби не сте знаеле, но ракетите се скапа работа. Толку скапа што значително го кочат развитокот на вселенската технологија и индустрија. Најновата ракета која ја изгради SpaceX на Елон Маск чини околу 60 милиони долари. Тоа се премногу пари за да се фрлат „во ветер“, би се согласиле.

Маск е паметен човек, па и тој дошол до истиот заклучок. Затоа, по неколку неуспешни проби, на 21 декември 2015 година нивната Falcon 9 ракета успешно изведе вертикално слетување назад на Земјата, откако лансираше еден куп сателити во вселената.

Претходниот обид на SpaceX за вертикално слетување на платформа изградена врз вода беше неуспешен. Овој пат им успеа на инженерите да го изведат историскиот потег и да ја зачуваат ракетата. Зачувана ракета, пак, значи дека место нови 60 милиони долари, SpaceX ќе треба да даде неколку пати помалку за нов лет.

Сепак, Falcon 9 ракетата која беше искористена за оваа демонстрација нема да се користи за повторно летање. Бидејќи се работи за прв случај во кој успешно е изведено ова од страна на SpaceX, ракетата ќе се однесе на испитување со т.н. „суво палење“ при кое се тестира функционалноста на моторот преку палење во место.

Ако се` е во ред тоа би значело дека технологијата на повторно употребливи ракети ќе започне со развиток, што ќе даде значителен поттик за лансирање на ракети и ќе ги намали трошоците за лансирање до неколку пати. Инаку Blue Origin (компанија на Џеф Безос, основачот на Amazon)  ги претрка SpaceX во прво вертикално слетување на ракета пред кратко време, но во тој случај беше без товар.

Честито SpaceX!

Извор: The Verge, LA Business Journal, NBC News

Претходна статијаApple ќе му плаќа 0,5% од приходите од продадените iPhone-и на Ericsson?
Следна статијаЗа управување со виртуелната реалност, ќе се користат електромагнети

Оставете коментар

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.