vr.fingertipsx600

Уредите со виртуелна реалност полека, но сигурно го заземаат своето место во денешната технологија, но и натаму имаат ограничувања – на пример, управувањето со елементите кои ги гледате во VR не е доволно елегантно решено и за него најчесто се користат големи ракавици или пак посебен хардвер, како на пример џојстици… Отсега, со Finexus, со елементите од виртуелната реалност ќе се управува со електромагнети и специјални сензори читачи.

Новиот уред работи така што на сите прсти имате ставено мал електромагнет, а посебен сензор вграден во самиот VR уред ги следи движењата на раката и прстите. Сензорот може да ги следи прстите во 3D, односно и длабински, што го прави одличен за работење во виртуелна реалност. Исто така, уредот за гледање на VR, не мора секогаш да гледа во рацете, како што би требало со уреди со вградена камера, туку ќе можете да правите некои работи кои се влезени во мускулната меморија, како на пример врзување чевли, без да гледате во нив, во виртуелна реалност!

Finexus е проект на Универзитетот на Вашингтон, а се развива заедно со производителот на најпопуларниот VR уред, Oculus Rift и во моментов е во почетна фаза на развој.

На пример, сензорот работи на само 12 сантиметри оддалеченост, што го прави скоро неупотреблив во пракса. Сепак, дизајнерите велат дека ова може да се подобри и сензорот да може да работи на оддалеченост до 25 сантиметри, а во иднина веројатно и на многу повеќе.

Доколку се развие да може да функционира на поголеми далечини, Finexus може да се покаже како одличен за играње на најразлични игри – замислете вистински да замавнувате со раката кон непријателот во битка.

Исто така, овој начин на управување со елементите од VR светот може да го подобри и работењето со 3D елементите во софтверите за дизајнирање, или пак да се користи кај децата за учење на некои работи, како на пример свирење на пијано… Навистина, идеите само навираат како поминува времето – виртуелната реалност има многу, многу скриени можности.

Секако, ова решение значи дека на раката ќе треба да носите мали електро-магнети, но е веројатно подобро решение отколку да носите дебели и тешки ракавици. Како и да е и ова е само чекор понапред кон технологијата која до пред само 10-тина години можевме да ја видиме само во Sci-Fi филмовите – вистинска виртуелна реалност со целосна интеракција на корисникот со неа.

Извор: Technology Review, Engadget

Претходна статијаSpaceX конечно направи успешно вертикално слетување на нивната ракета
Следна статијаGoogle тестира систем за најава без лозинки