Наредната верзија од Windows оперативниот систем се очекува да биде претставена и достапна за корисниците околу идната пролет. До тогаш на корисниците треба да им биде достапна тест верзија, барем според неофицијалните информации кои што редовно излегуваат. Достапноста на тест верзијата сепак не е нешто што е малку веројатно, затоа што и минатата верзија на Windows прво беше достапна за програмерите, по што следеше и бета верзија за обичните корисници.
Според информациите добиени од блиски извори на Mary Jo Foley од ZDNet, Microsoft планира да ја претстави Technology Preview верзијата од Windows 9 до крајот на Септември или најкасно до почетокот на Октомври. Оваа тест верзија од Windows 9 треба да биде достапна за сите корисници, односно не само за програмерите. Планот за финалната верзија да биде претставена идната пролет останува. Корисниците на оваа верзија ќе добиваат месечни надградби на системот, нешто што Microsoft почна да го практикува и со моменталната верзија од Windows од ова лето.
Како што веќе можевте да прочитате повеќе пати, Windows 9 верзија од овој оперативен систем треба да ги среди повеќето работи поради кои што моменталната верзија, односно Windows 8, има проблеми со слабата прифатеност од корисниците. Сепак, тоа и не е толку чудно кога ќе се земе во предвид дека одредени популарни и користени функции беа тргнати, а корисниците беа насочени да користат нови. Microsoft ќе се обиде да ја врати наклонетоста на корисниците со враќање на Start менито во нова форма, овозможување на модерните апликации да работат во посебен прозор во десктоп околината, тргање на Charms лентата, како и воведување на виртуелни десктоп околини, Cortana и слично.
Од сите досегашни информации до кои што можеше да се дојде, изгледа дека повторно ќе биде истата ситуација како во случајот со Vista, односно станува правило да секоја втора верзија од Windows е успешна и популарна за корисниците. Сепак останува да видиме дали со 9-тата верзија од оперативниот систем, Microsoft ќе успее да го направи успехот како тој со Windows 7.