Windows-start-menu-modern-apps

Иако беше посветен многу мал дел од презентацијата, една од најинтересните работи претставени на годинешната Microsoft Build 2014 конференција е концепт за Start мени кое што треба да биде вклучено во некоја идна верзија од Windows оперативниот систем. Една од најголемите критики кои што беа упатувани од претставувањето на Windows 8, па до ден денес, е тргањето на познатото Start мени од taskbar-от на оваа верзија од оперативниот систем. Интересно е тоа што неговото тргање придонесе за започнување на нов вид на апликации кои што беа направени со една цел, да го вратат Start менито за корисниците. Се појавија многу такви апликации со разни функции, некои од нив дури со подобри од старото Start мени.

Сепак поради големиот број на критики, а и не толку добрата прифатеност на Windows 8 од страна на корисниците, не е воопшто чудно што Microsoft реши нив да ги послуша и да го врати ова, за многу луѓе корисно, мени. Новото Start мени нема да претставува едноставно враќање на старото, со истите негови функции и маани. Новото Start мени ќе претставува комбинација, хибрид, помеѓу старото мени достапно сеуште во Windows 7, со плочките (live tiles) кои што се карактеристични за новиот Start екран (кој што требаше да го замени Start менито).

Комбинацијата ќе биде направена на тој начин што левата страна на менито ќе биде како и досегашното мени, односно ќе ја вклучува листата на најмногу користени и прикачени апликации, како и листа со сите достапни апликации на компјутерот. Меѓутоа, десната страна наместо брзите линкови до вашата Documents папка, на пример, или до Control Panel, ќе биде заменета со простор на кој што ќе бидат поставени плочките. Нив корисникот ќе може да ги става по избор и да ги мести на која сака позиција. Тие ќе ја задржат својата најважна функција на прикажување на информации во вистинско време, односно во живо (live).

Уште една интересна можност беше претставена заедно со Start менито, а тоа е најавуваната можност за користење на модерните апликации во посебен прозорец во десктоп околината. Ова е исто така доста интересна и корисна функција, која што доколку, заедно со новото Start мени, беше достапна уште од самиот почеток на Windows 8, можеби проблемот на мала популарност немаше да биде присутен. Што се однесува до тоа кога овие нови функции ќе бидат вклучени во Windows, нема точни информации, па се очекува тоа да биде до крајот на годината во некоја наредна надградба на Windows 8.1 или идната година со претставувањето на Windows 9.

Што мислите за новото Start мени, како и можноста за отворање на модерни апликации во десктоп околината? Дали сте корисник на Windows 8, а ако не сте дали овие промени би ве мотивирале да бидете ? Пишете ги вашите размислувања во делот за коментари.

Претходна статијаMicrosoft ја прикажа модерната верзија на Office за Windows 8
Следна статијаMyMentor – Прво македонско училиште во „облаци“
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.