build2014-hero-1

Во San Francisco денеска започнува Microsoft Build 2014 конференцијата наменета за програмерите и пошироката јавност. Таа ќе трае до петок, односно 4-ти Април, а очекувањата се дека ќе бидат претставени повеќе работи. Исто така на оваа конференција компанијата настапува со новиот главен директор, Satya Nadella, кој што го наследи Steve Ballmer оваа година.

Што се очекува да биде претставено на оваа конференција од досегашните информации кои што беа достапни?

Windows Phone 8.1

Можеби најочекуваниот дел од конференцијата, за кој што имаше премногу информации, шпекулации, видеа, слики и слично. Microsoft треба да ја претстави надградбата на мобилната верзија од Windows, која што треба да воведе поголем број на нови функции и можности, па според многу оваа верзија го заслужува бројот 8.5. Доколку сакаат да останат во игра и да продолжат со не толку големиот раст на бројот на корисници, Microsoft имаат многу за стигање на двете најпознати платформи, Android и iOS. Во новата верзија се очекува, меѓу другото, да бидат претставени Cortana личниот асистент, центар за нотификации, нова и подобрена верзија од Internet Explorer, нова камера апликација и уште многу други работи.

Windows 8.1 Update

Ова треба да биде првата надградба после претставувањето на Windows 8.1. Истата се очекува да биде во главно насочена кон корисниците на маус и тастатура, односно да проба да исправи некои од „грешките“ поради кои што популарноста на овој оперативен систем не е според очекувањата. Па така, очекувано е додавање на можност за минимизирање и гаснење на модерните апликации преку посебни копчиња, можност за прикажување на taskbar-от во модерниот интерфејс, можност за закажување на модерните апликации на taskbar-от и слично.

Windows 9

На оваа конференција исто така се очекува да биде разговарано за правците во кои што размислува Microsoft за нивната наредна верзија од Windows, која што сега за сега се нарекува Windows 9. Со оваа верзија се очекува поголемо приближување на различните верзии достапни за различните уреди и олеснување на работата на програмерите кога развиваат апликации за оваа платформа. Се очекува оваа верзија да биде официјално претставена за една година, односно во пролетта 2015.

Овие три теми се можеби најважните и очекувани од се што треба да биде претставено. Меѓутоа исто така се очекува и претставување на модерната верзија од Office пакетот која што беше претставена за iPad, како и претставување на Surface Mini.

Конференцијата почнува во 17:30 часот според наше време, а сите случување и важни најави ќе можете да ги најдете на Smartportal, затоа следете не во текот на денот. Исто така настанот можете да го следите во живо преку Channel9.

Претходна статијаYahoo развива сопствена верзија на YouTube?
Следна статијаMicrosoft и официјално го претстави Kinect 2.0 за Windows
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.