Galaxy Z Fold4, на прв поглед делува како да е само мала надградба од ланскиот модел за кого рековме дека е спремен за секојдневно користење. Сепак, кога ќе почне да се користи овој уред, полека се гледа дека промените не се баш така мали.

Ако ланскиот модел беше спремен за секојдневно користење, тогаш Galaxy Z Fold4 го нарекуваме уредот кој секој напреден корисник мора да го има. Овој уред не само што ја зголемува продуктивноста на корисникот, како и можностите за консумирање на различните видови на содржина, тој тоа го прави во формат кој оваа година е многу повеќе пријатен при држење и многу помалку различен во џебот од било кој друг обичен смартфон.

Мали, но доста важни промени во споредба со ланскиот модел

Главната разлика што се однесува до погодноста за користење е малото прилагодување на форматот до кое е дојдено со мала измена на димензиите. Конкретно, Fold4 е за 3,1 милиметар понизок од ланскиот модел, како и за 2 милиметри поширок кога е отворен. Со ова се добива формат посличен со таблет компјутерите со што навистина се добива хибриден уред кој добро ги „игра“ двете улоги.

Кога телефонот е затворен, односно кога се користи како смартфон, ширината е иста, но помалата висина исто така го менува малку форматот и кај овој екран кој сега многу повеќе го има корисничкото искуство како кај другите смартфони.

Ова беше и една мала маана на ланскиот модел, користењето на надворешниот екран не беше баш погодно и целото корисничко искуство беше насочено кој користење на внатрешниот, односно поголемиот екран.

На овие промени треба да се додаде и помалата тежина од 8 грама, кои иако делуваат малку, сепак прават одредена разлика, а тука се и помалите рамки околу екранот. Цело време го користиме терминот мали промени, но тие на крајот на вистина прават поголема разлика.

Galaxy Z Fold4 слободно може да се каже дека е верзијата од уредот на Samsung со екран кој се преклопува, од мал таблет во смартфон, која е погодена за сите корисници кои досега се мислеле дали е погодено времето за купување на еден ваков уред.

Една новина која прави огромна разлика во споредба со ланскиот модел е Android 12L, на чија основа е направен One UI системот кај Fold4. Оваа верзија од Android беше најавена како верзија која ќе го врати вниманието на Google кај таблет компјутерите, а со тоа и кај уредите со екрани кои се преклопуваат, со двојни екрани и слично.

Кога ќе се отвори некоја апликација, на долната страна, на местото на стандардната лента со апликации сега се појавува нова лента повеќе прилагодена за уредите со поголеми екрани. Оваа лента наликува на „таскбар“ лентата од десктоп компјутерите, логично нели.

На оваа лента, покрај апликациите кои корисникот ги има поставено на обичната лента, се прикажуваат и последните отворени апликации, нешто што е доста корисно и овозможува побрз „мултитаскинг“. Од лентата исто така може да се наместат две апликации кои би се отвориле една до друга, нешто по што е познат овој уред.

На левата страна од лентата поставено е и копче со кое се доаѓа до сите апликации, нешто што слободно можеме да го наречеме копче слично на Старт менито на компјутерите.

Тоа што посебно се истакнува кај овој дел од корисничкиот интерфејс, покрај неговата функционалност, се одличните анимации кои се освежени и посебно прилагодени низ целиот интерфејс. За ова слободно може да се каже браво на Samsung и прави да користењето на уредот биде многу, многу подобро.

Дизајн и корисничко искуство

Што се однесува до дизајнот, Galaxy Z Fold4 нема големи промени, а тие што веќе ги споменавме се многу поважни. Тоа што сепак го има се помали рамки околу екраните, а ова прави исто така не баш мала разлика при користење на уредот.

Тука се трите камери на задната страна, поставени во скоро ист модул. Селфи камерите се поставени во два стила, како и минатата година, односно таа кај поголемиот екран е под екранот и оваа година доста поретко се забележува, додека таа кај помалиот екран е класичната „дупка“ за камерата.

Софтверот кај Galaxy Z Fold4 од една страна е познат и е стандардниот One UI, но од друга страна малите измени со новата верзија, додатоците од Android 12L, новите анимации и брзина на работење, прават да користењето на овој уред е посебно добро.

Samsung има направено и надградба на системот за преклопување, односно шарката, па генерално истата делува поцврста и поотпорна, а уште од ланскиот модел заклучивме дека до нејзино можно оштетување има толку многу часови, што нема да успеете да откриете каде е таа граница.

Помалите димензии на целиот уред се забележуваат при неговото држење во рака, но и кога е оставен на маса. Samsung се има одлучено за одлични димензии кои прават да уредот не е многу голем кога е преклопен, нешто што не е воопшто потребно со оглед на тоа што секогаш кога е потребен поголем уред, може да се отвори и користи внатрешниот поголем екран.

Едно прашање сигурно голем дел од вас го имаат како едно од главните, а тоа е дали оваа година уште се познава „фалтата“, односно линијата каде што се преклопува екранот. Одговорот е да, но само доколку целта ви е да ја забележите, а при секојдневно користење таа не е нешто што пречи во користењето воопшто.

За нас, една од најважните карактеристики кај Galaxy Z Fold4 која прави многу подобро корисничко е можноста да се користи уредот преклопен како обичен смартфон. Тоа е овозможено од помалите димензии и малата промена на форматот за која пишувавме погоре. Со тоа, уредот може слободно да се користи како било кој друг смартфон, а да се отвора тогаш кога тоа е потребно, како на пример за гледање на видео содржина, слики, работа со документи, работа со две апликации една до друга и слично.

Со тоа доаѓаме и до внатрешниот екран, со кој Fold4 се користи како мал таблет компјутер. Со купувањето на овој уред, веќе нема потреба од купување на таблет, а корисниците кои често имаат потреба од завршување на некоја работа кога се во движење, не се свесни колку голема предност е поседувањето на овој уред.

Посебно се истакнува и функцијата Flex Mode со која дел од апликациите се прилагодени да се користат додека уредот е преклопен до половина. Тие апликации кои не доаѓаат со сопствени функции во овој режим, може да се избере да им се прикаже посебен „панел“ од каде што може да се контролираат одредени работи, а исто така може да се користи како „мауспад“.

Перформанси и камери

Една работа на која нема да треба да размислувате при користење на Galaxy Z Fold4 е брзината, односно перформансите на овој уред. Кога ќе се земе во предвид дека тој доаѓа со Snapdragon 8+ Gen 1 чипот, изработен од страна на TSMC во 4nm технологија, очекувањата се уште од самиот почеток големи.

Процесорот кај Snapdragon 8+ Gen 1 е со осум јадра, односно едно Cortex-X2 јадро за задачите со најголеми побарувања и работа на 3,2GHz, три Cortex-A710 јадра кои исто така се за добри перформанси, но со поголем акцент на штедењето на енергија, како и уште четири Cortex-A510 јадра кои се тука за заштеда на енергијата.

Меморијата кај уредот е со 12GB, како и 256GB простор за податоците, а батеријата е со капацитет од 4400 mAh.

Јасно беше уште од првите тестови на овој чип, а јасно е и сега при користење на Galaxy Z Fold4, дека нема активност која не може да биде брзо извршена или активност која ќе го остави корисникот да почека.

Најважно од се, не постои „сецкање“ при користењето на овој уред, а одлични се перформансите на анимациите, нешто што е доста важно, а посебно доколку сте навикнати да користите телефони од највисоката класа.

Камерите на Samsung се познати по своите перформанси и карактеристики, па иако Samsung не ги става своите најдобри во Fold серијата, тие не се далеку од нив. Посебно важно е користењето на Snapdragon 8+ Gen 1, чии перформанси успеваат максимално да ги процесираат сите детали во сликите.

Карактеристики на Samsung Galaxy Fold4

Главен екран7,6 инчи, 2176×1812 резолуција, Dynamic AMOLED 2X екран на преклоп, 120 херци, HDR10+
Надворешен екран 6,2 инчи, 2316×904 резолуција, Dynamic AMOLED 2X, 120 херци
ДимензииОтворен: 155,1×130,1×6,3 Затворен: 155,1×67,1×14,2-15,8
ЧипQualcomm Snapdragon 8+ Gen 1 (4nm), Adreno 730
Меморија12GB RAM, 256GB простор за податоци
Главна камера50MP, 10MP, 12MP
„Селфи“ камера4MP, 10MP
Батерија4400 mAh
ПРЕГЛЕД НА ОЦЕНКАТА
Дизајн
Перформанси
Камери
Корисничко искуство
Претходна статијаStarlink ќе продолжи да соработува со украинските власти и покрај најавата за откажување
Следна статијаКање Вест ја купува друштвената мрежа Parler
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.
recenzija-samsung-galaxy-z-fold4-golemo-podobruvanje-na-veke-odlicniot-smartfon-na-preklopuvanjeSamsung Galaxy Z Fold4 е телефонот кој најнапредните корисници не треба да се размислуваат дали да го купат. Комбинацијата од смартфон и мал таблет компјутер е незаменлива за корисниците кои често работат надвор од канцеларијата, како и за тие кои често гледаат видео содржина. Квалитетот на изработка, помалите димензии, одличните перформанси го прават Fold4 главниот играч на пазарот.