Според писмо испратено од SpaceX до Министерството за одбрана на САД, објавено од страна на CNN, од компанијата имаат побарано министерството да го преземе плаќањето на трошоците кои се поврзани со интернет пристапот во Украина.
Како што е познато, Starlink на SpaceX веќе со месеци испраќа уреди за пристап до нивниот сателитски интернет, нешто што испадна доста важно и клучно за комуникацијата во земјата, а посебно во деловите каде што се војува.
Според информации од SpaceX, а и Елон Маск, трошоците кои ги има компанијата изнесуваат околу 20 милиони долари месечно, а вкупната сума која ја имаат загубено до крајот на годината би достигнала 120 милиони долари.
Маск преку Twitter објави дека тие ќе продолжат да ја финансираат украинската влада и покрај тоа што одредени други компании добиваат милијарди долари од американската влада, а Starlink продолжува да губи пари.
Не е до крај јасно дали и колку од уредите кои се испратени во Украина се на товар на Starlink. Според некои информации, 85% од испратените уреди се целосно или делумно финансирани од страна на американската влада, од Британија, Полска и други земји.