При крајот на минатата година NASA, во соработка со уште неколку други агенции и компании, успешно го лансира James Webb вселенскиот телескоп кој има доста амбициозна и интересна мисија.
Овој телескоп има за задача да ги открие почетоците на универзумот „гледајќи“ ги остатоците од инфрацрвената радијација, а со тоа формирањето на првите ѕвезди и галаксии, како и да го истражува формирањето на планетите, можниот живот и слично.
По лансирањето, оваа година телескопот успешно го постави својот сончев штит, кој е клучен за работата, а подоцна и успешно ја зазеде планираната позиција на точна оддалеченост од Сонцето и Земјата.
Официјалниот почеток со работа се очекува до ова лето, а во меѓувреме продолжуваат планираните подготовки на сите системи и инструменти.
Од NASA информираа дека оваа недела James Webb ја достигнува потребната температура која е клучна за неговата работа. Оваа температура мора да биде многу ниска, достигната изнесува -266 целзиусови степени, а за нејзиното постигнување и одржување се користат сончевиот штит, како и посебен електричен „криоладилник“.
Сега кога е достигната потребната температура ќе се започне со калибрирање на достапните инструменти, од кои како главен се смета MIRI – Mid-infrared instrument. Со испраќање на тест слики од ѕвезди и други познати вселенски објекти ќе може да се провери работата на инструментите.
Ниската температура која е главниот услов за работата на телескопот е потребна поради неколку причини. Едната е фактот дека инструментите ќе работат на откривање на инфрацрвена светлина која ја емитува секое топло тело. Доколку самите инструменти и самиот телескоп не се оладени доволно, може да пречат во откривањето на далечната инфрацрвена светлина.
Уште една причина за потребата од ниска температура е функционирањето на самите инструменти и нешто кое се нарекува „темна струја“, односно електрична струја која настанува со вибрацијата на атомите. Намалувањето на температурата го намалува и вибрирањето на атомите и со тоа се намалуваат шансите од погрешно добивање на резултати од самите инструменти.
Првите официјални слики од James Webb се очекуваат за ова лето, па ќе биде интересно да видиме што ново ќе открие или потврди овој вселенски телескоп.