PowerToys е одлична алатка од Microsoft преку која на корисниците им се овозможува да додаваат одредени функции на Windows, кои не се дел од оперативниот систем. Пример за една таква функција е можноста за избор на пред дефинирани позиции на прозорите, наместо нивно прилагодување при секое користење на Snap функцијата.
Апликацијата има уште една одлична функција која е достапна на macOS и е една од повеќе познатите на тој оперативен систем, а тоа е можноста за брзо пребарување на системот и интернет преку лента за пребарување која се појавува на средината од екранот преку кратенка на тастатурата.
PowerToys ќе добие уште една функција која е позната во macOS, која овозможува брз преглед на датотеките без потреба од нивно отворање.
На macOS оваа функција е позната како Quick Look, а во PowerToys ќе биде наречена Peek.
Peek во основа ќе работи слично како на macOS, односно корисниците кога ќе селектираат одредена датотека ќе можат да притиснат на Shift + Space и истата ќе се отвори во помал прозорец за брз преглед, но без потреба од отворање на апликацијата која ја отвара конкретната датотека.
Ова е посебно корисно за разгледување на документи, па наместо цело време да треба да се отвори Word за да се види содржината, со Peek ќе може многу побрзо да се види.
Би било добро доколку Microsoft ги вгради некои од функциите од PowerToys во Windows, но сега за сега ваквите екстра функции корисниците можат да ги користат преку оваа одлична апликација.
Апликацијата е достапна за инсталирање преку Microsoft Store на Windows.