win-7-desktop

Windows 7 слободно може да се каже дека е веќе стар оперативен систем. Тој беше претставен на 22-ри Октомври 2009 година, што значи дека веќе влегува во неговата шеста година. Меѓутоа слабата популарност на Windows 8 направи да седмата верзија од системот остане најмногу користена и популарна, па корисниците воопшто не гледаат на него како стар систем кој што треба да го променат со понов, а тоа посебно важи за компаниите.

Microsoft престана да врши продажба на лиценци за Windows 7, освен за Enterprise верзијата, на производителите на компјутери на 31-ви Октомври 2014 година. Тоа значи дека производителите нема да можат да продаваат нови компјутери со овој оперативен систем, па остана да ги продаваат само останатите залихи.

Денеска официјално завршува главната, таканаречена мејнстрим поддршка за Windows 7, поточно Windows 7 Home Basic, Home Premium и Ultimate Service Pack 1. Тоа значи дека од денес, па натаму овој оперативен систем нема да добива нови функции, промена на дизајнот, како и бесплатна поддршка за корисниците.

Сепак корисниците, а посебно компаниите, не треба да се грижат и да бараат нов оперативен систем. Windows 7 сега влегува во таканаречената проширена поддршка која што вклучува безбедносни надградби на системот до 14-ти Јануари 2020 година. Тоа значи дека корисниците ќе ги добиваат најважните надградби за системот уште 5 години.

Според некои информации, доста корисници денешната дата ја имаат поврзано со прекинувањето на поддршка за Windows XP која што создаде одреден проблем кај голем број на корисници кои што се’ уште го користеа овој систем.

Windows 7 моментално е најмногу користениот оперативен систем со повеќе од 50% пазарен удел. Microsoft имаше уште еден „Vista“ случај со Windows 8, па надежите се дека Windows 10 ќе биде успешен како и седмицата.

Од промените кои што ги воведуваат, а процесот е во тек, шансите Windows 10 да биде поуспешен, барем од осмицата изгледаат доста големи. Оваа верзија се очекува да биде официјално достапна за корисниците од оваа есен, а повеќе информации може да се очекуваат на настанот овој месец, како и Build 2015 конференцијата во Април.

Извор: Microsoft, ZDNet

Претходна статијаChevrolet Bolt EV – Концепт целосно електричен автомобил кој ќе се продава за 30.000 долари
Следна статијаPlayer piano, Kurt Vonnegut Jr.
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.