piano

Уште од почетокот на човештвото стравот од непознато било голема, ако не и главна, кочница за севкупниот развој на поединецот и заедницата. Истовремено, совладувањето на овој страв*, прво на поединечно ниво а потоа и на колективно, е првиот чекор напред кој не секој е спремен да го направи. Напротив, често луѓето се обидувале, и сеуште се обидуваат (сега веќе смешен пример, но во 2000 година луѓето го напаѓаа е-меилот како штетен), да го сопрат развојот поради стравот од непознатото и што ги чека нив лично во „новото време“ (односно, од воглавно егоистични, себични причини).

Текстилните работници во 19-ти век во Англија, познати и како Лудити, останаа запишани во историјата поради превземањето радикални мерки за зачувување на нивните работни места со кршење машини и палење фабрики (наводно не е толку едноставна приказната за Лудитите). Не баш најпаметниот начин да се задржи работна позиција, но в ред (голем број од нив биле испоапсени, многумина повредени во големите протести, а дел од нив и јавно погубувани). Денеска низ секаде на светот такси-картелите протестираат против Uber и бараат закони, не помалку опасни од чеканите со кои Лудитите ги кршеле машините, со кои ќе го задржат статус-квото каде што се најбезбедни токму тие.

За среќа, досега стравот од технолошкиот развој се покажа како неоправдан (со исклучок кога е во рацете на Државата, т.е. армијата). Како што се вели во оваа фантастична анализа на слична тема во The Economist,

реалните приходи во Британија одвај се удвоија во периодот од почетокот на модерната ера до 1570 година. Потоа тие се зголемија тројно  во периодот од 1570-1875, за да се зголемат повеќе од тројно во периодот од 1875 до 1975. Индустријализацијата не заврши со елиминирање на потребата од работници. Напротив, истата создаде можности за вработување доволно да го акомодира огромното зголемување на население во 20-ти век.

Сепак, според многумина паметни луѓе кои ги ценам, овој пат е поразлично. Брзината со која технологијата влијае врз пазарот на труд, особено во периодот кој доаѓа, е многу поголема. Не е далеку времето кога голем број од нашите работни места ќе станат автоматизирани (до 2030 се очекува околу 50% од постојните работни места да ги превземат машини и компјутери). Бил Гејтс е во право кога вели дека, за жал, „луѓето го немаат вкалкулирано ова во нивната ментална матрица“.

Без разлика на „креативниот деструкционизам“ (Џ. Шумпетер) како инхерентна компонентна на капиталистичкиот развој, сепак постои одреден временски јаз („темпорална фаза на неприлагодување“: Кејнз) во кој голем дел од луѓето се дезориентирани и неспособни да ги жнеат плодовите на новото време. Се разбира, да се обидуваме да го сопреме или успориме развојот е бесмислено, неморално и анти-слободарски, но и тоа како треба уште денеска да почнеме да размислуваме за реформи за адаптација.

Првата научно-фантастична новела на Kurt Vonnegut Jr., Player Piano, објавена во 1952 година, се обидува да даде еден ироничен приказ како би изгледало вакво, скоро целосно автоматизирано општество. Она што е особено умешно во ова дело е што ги опфаќа токму клучните поенти на целата оваа дебата за која пишувам (spoilers alert): опфаќајќи го токму оној временски јаз во кој луѓето се дезориентирани бидејќи не можат да најдат начин како да бидат корисни за другите поради што нивната улога е заменета од машини, преку искажувајќи ја желбата да го сопрат развојот со уништување на машините – залудно – па се до елементот на „социјална правда“ во тоа „ново време“.

Ова е една од многуте книги кои ја обработуваат оваа проблематика, и можеби стилот на делото е бавен и троа развлечен, но и тоа како ги погодува клучните поенти. Вреди да се прочита. Барем мене ми беше fun read во предновогодишниот период.

*се разбира, има и голем број други фактори кои играат улога за личниот развој, вклучувајќи и оние врз кои не можеме многу да влијаеме, но кај нас, младите, мислам дека голема улога има начинот на кој се справуваме со „мрзеливоста“ (со економски речник, поголемата преференција за leisure него за работа, што не е само по себе лошо. Лошо е кога мрзеливоста е резултат на незнаење што да правиме со себе, на немање можности ниту да си креираме можности, а не на свесен избор за одмор).

Претходна статијаДенеска завршува главната поддршка за Windows 7
Следна статијаБританскиот премиер сака да ги забрани енкриптираните апликации за пораки до кои што ќе немаат пристап